Поразен од Монпелје на домашен терен, РК Вардар ја заврши групната фаза во Лигата на шампионите. Гостинот не совлада со резултат 27-31, по мечот на прес-конференција тренерот Стевче Алушовски изјави:
Имам помешани чувства затоа што од една страна загубивме, но од друга страна играчите покажаа карактер, на чело со голманот Марко Кизиќ кој трет меч по ред во ЛШ игра одлично. Имаме краток ростер, ги знаете проблемите, не аскам да зборувам многу за нив. Дадовме максимум, но Монпелје ги однесе двата бода од Скопје. Меѓутоа, горд сум и на клубот и на навивачите и на играчите на се што направивме.
Крилниот играч на црвено-црните, Иван Чупиќ имаше долго излагање по крајот на оваа средба тој вели:
Релно не работиме квалитетно на тренинзите,фали долг ростер на клупа и секој меч по 40-та минута паѓаме. Голманите не држеа во мечот, но фалеше некој кој може да повлече, некој кој би можел да влезе кога некој е уморен. Глупаво е да зборуваме за проблеми, но тренираме со само пет до шест играчи. Кој е повреден, кој е болен, кој има вирус… Затоа тоа ни се случува во последните дваесет минути. Паѓаме, не фаќа нервоза, промашуваме зицери, а тоа во ЛШ чини многу. На овој меч бевме 40 минути егал со Монпелје, но потоа паднавме. А тие имаа долга ротација. Ние имаме желба, сакаме, победници сме, ама ни фали она нешто што го споменав. Денес Вардар не го загуби натпреварот, туку јас. Промашив зицери многу. Жалам за тоа. Свесен сум. Тешко ми е. Сега не чека пат до Нашице со автобус, ако некој не ни плати авион. Па пак ќе треба да го понесеме товарот шест-седум играчи.