Утре, ракометарите на Вардар ќе го одиграат првиот натревар во рамките на 1/4 финалето од СЕХА-лигата, против екипата на Нексе. Утрово, црвено-црните отпатуваа за Нашице, каде утре ги очекува меч против вицешампионот на Хрватска. Вардар ќе се обиде да извади позитивен резултат на првиот дуел и да си ја олесни работата за реваншот во Скопје. Во пресрет на овој меч, голманот на Нексе, Морено Цар, даде свое видување за овој двомеч, истакнувајќи дека ниту еден тим во Европа не смее да го потцени Вардар.
„Без разлика на проблемите во кои се наоѓа, Вардар не смее никогаш да се потцени, а ние сме последните кои можеме тоа да го направиме. Мислам дека тоа не треба да си го дозволи ниту еден тим во Европа. Останаа без Кристопанс и Атаман, за само после неколку дена да го победат Мотор во ЛШ со десет разлика, истиот тим кој нè победи два пати оваа сезона. Тие сè уште имаат одлични индивидуалци, одлични крила, одличен кружен напаѓач и одлична надворешна линија. Вардар останува голем предизвик и мотив за нас. На крајот на краиштата, нашата цел беше да го победиме Еурофарм уште еднаш за да бидеме домаќини на толку голем ривал во Нашице, истакна голманот на Нексе.
Утрешниот дуел ќе стартува во терминот од 17:00 часот, додека реваншот е закажан за 15.март во С.Ц. Јане Сандански.