За неполни 24 часа, пионерите на ракометниот клуб Вардар денес го одиграа и второто пролетно коло во рамките на групата 3 од пионерската лига. Откако вчера вечерта во С.Ц. Јане Сандански, одигравме со нерешен резултат (19:19) во дуелот со екипата на Аеродром, вечерва вардаровите пионери ја победија екипата на Алушовски и тоа на теренот на противникот.
Во првото полувреме видовме мал број на постигнати голови, а Вардар на кратка пауза замина со предност од 5:7. Откако и двете екипи ги постигнаа своите први голови, избраниците на Петковски беа тие кои први се одлепија на два гола разлика (2:4). За момент домашниот тим го намали резултатот, но следеше серија за вардарци кои го зголемија водството и на 3:6. До крајот на првото полувреме, противникот го намали резултатот и на одмор се замина со резултат 5:7.
Вардарци во второто полувреме имаа постојана предност и контрола на резултатот. Првите два гола во вториот дел ги псотигна Вардар, со кои стигна до најголема позитива од четири голови (5:9). Екипата на Алушовски се обидуваше да се врати во игра, намали на два гола негатива (8:10 и 10:12), но сепак црвено-црните постигнаа два голови во серија и поведоа со 10:14. Алушовски веќе немаше сили да се доближи резултатски, ние поведовме и со 11:16, додека крајниот резултат гласеше 14:17.
Ова беше десетти триумф сезонава за пионерите на Вардар. Најефикасни во нашите редови беа Кирил Симоновски со 4 постигнати голови, додека Георгиј Спасовски имаше 3 погодоци. Матеј Трајановски, Давид Младеновски, Андреј Петрушевски и Давид Славевски имаа по 2 голови, додека по еден гол имаа Марио Стојановски и Христијан Петковски