Во ситуација во која се наоѓаме поради појавата и пандемијата со корона вирусот, од ракометната федерација на Македонија пред два дена излегоа со соопштение дека натпреварите во Супер лигата се прекинати на одредено време.
Сепак останува прашањето, дали постои можност и време да се доигра сезоната во најсилната супер лига и да се дознае новиот Шампион на Македонија. Само да потсетиме дека во некои земји се прекинаа националните првенства и веќе се прогласија новите шампиони. Последен таков случај беше во Полска, каде старо-нов шампион е тимот на Киелце, за кој настапува Игор Карачиќ. Поради ситуацијата со корона вирусот, прекин на Шампионатот означи и Шведска каде Шампион е екипата на Алингас, која имаше само еден бод повеќе од второпласираниот и три бода повеќе од третопасираната екипа на табелата. Претходно крај на првенствата означија и во Норвешка и Швајцарија.
Проблемот во Македонија е тоа што новиот шампион се одредува после одигрување на плеј-оф, а кај нас се уште не е завршен ниту регуларниот дел од натпреварувачката сезона, во која останува да се одигра уште едно коло. Вардар и Еурофарм Пелистер кои беа слободни во регуларниот дел, поради настапите во ЛШ и СЕХА-лигата во плеј-офот треба да се приклучат на екипите на Металург, Охрид, Пролет и Бутел. Во плеј-офот секој игра против секого, на домашен и гостински терен, односно треба да се одиграат вкупно 10 кола, за да се дознае новиот владател во нашата земја.
Останува да видиме што ќе се случува и во наредниот период, но прогнозите се дека ракомет во Македонија нема да има ниту во следните 30 дена, па сигурно дека ќе се пролонгира крунисувањето на новиот Шампион во националното првенство, како и освојувачот на Купот.