Денес беше свечено пуштено во употреба новиот тренинг центар на ФК Вардар. На истото присуствуваа сите одговорни лица во клупското раководство, играчите од првиот тим, како и дечињата кои се дел од вардаровите младински екипи.
Со изградбата на овој капитален објект во вредност од 4 милиони евра, реализиран според моделот на јавно-приватно партнерство, фудбалерите од првиот тим на Вардар добија современ тренинг комплекс, по примерот на најголемите клубови во Европа. Во рамките на објектот влегуваат две тренинг игралишта, од кои едното со вештачка, а другото со природна трева и најсовремен дренажен систем, зграда со простории за дневен престој на играчите и соба за анализа на противниците.
Најзаслужниот за реализација на оваа вардарова гордост сопственикот на А.Д. Вардар г-н Сергеј Самсоненко по повод овој свечен чин изјави :
-Ние одиме чекор по чекор според нашата зацртана цел. По изградбата на спортскиот центар ‘Јане Сандански’ кој го користат нашите ракометните клубови, со пуштањето во употреба на овој објект ги обезбедивме сите неопходни услови и за првиот тим на ФК Вардар. Овој комплекс кој е изграден според највисоките европски стандарди на нашите играчи ќе им го овозможи сето она што им е потребно за постигнување на врвни резултати. Следниот објект кој ќе го пуштиме во употреба се фудбалските терени и Академијата во градскиот парк предвидени за децата од нашата младинската школа. Со тоа ќе ги покриеме сите категории и ќе ги имаме најдобрите услови за работа не само во Македонија и регионот, туку Вардар ќе биде еден позитивен пример за сите и во континентални рамки.