Вардар ќе треба да почека до комплетирање на составот за новата натпреварувачка сезона, откако клубот извиси за Санталов кој наместо да заврши во Скопје потпиша со екипата на Брест Мешков, додека Анте Гаџа иако беше најавен како ново засилување, сепак уште нема потпишано никаков договор.
Интересна е ситуацијата со рускиот лев бек, Дмитри Санталов, еден од најдобрите играчи на Чеховски Медведи и редовен во репрезентацијата на Русија. Иако беше најавено дека има договор со Вардар, истово го потврди и тренерот Аушовски во интервју за Балкан Хандбал, сепак на крајот Санталов потпиша договор со екипата на Брест Мешков и тоа на три години. Санталов беше најавуван уште во времето кога клубот беше во сопственост на Сергеј Самсоненко, па сигурно дека неговото заминување влијаеше и на одлуката, Санталов да се реши да не доаѓа во Вардар. Реалноста е дека рускиот репрезентативец ќе настапува во друг дрес.
Уште еден играч кој настапуваше на левата бековска позиција, младиот Дејан Кукуловски вчера и официјално беше претставен во тимот на Еурофарм Пелистер, со кој потпиша соработка за наредните три сезони. Овој трансфер не е тајна, беше прашање само кога ќе има официјална промоција, откако пред еден месец и самиот играч ни потврди дека го напушта Вардар и се сели во Битола.
Останува прашањето дали црвено-црните ќе се одлучат да донесат нов играч на позицијата лев бек, каде ги имаме Кристијан Дисингер и Филип Талески. Се комплицираше и трансферот на Анте Гаџа, средниот бек кој се уште е под договор со екипата на ППД Загреб. Вардар ги договорил личните услови со играчот, но не и со неговиот клуб кој бара оштета за негово ослободување, со оглед дека Гаџа има договор со хрватскиот шампион до 2021 година. Самиот играч во изјава за хрватските медиуми потврди дека би сакал да дојде во Вардар, но се зависи од двата клуба дали ќе се договорат за негов трансфер.
Сложено ќе биде за Вардар доколку откаже и Гаџа, па така во наредниот период ќе мораме да бидеме во потрага по двајца играчи на среден бек, додека се уште ја немаме потполнето ниту десната бековска позиција, која исто така е проблематична за екипата.