Вчера пред полноќ, од РК Вардар објавија дека сите играчи на црвено-црниот тим се негативни на Ковид-19. Тренерот Стевче Алушовски ја закажа за денес во 18 часот првата „смотра”. Истата ќе се одржи на фудбалското игралиште до СЦ „Јане Сандански“. Поради пандемијата коронавирус, ќе има посебни правила и за новинарите, со цел да се заштитат и играчите.
„Со оглед на ситуацијата со „Ковид-19“ ве известуваме дека првиот тренинг ќе се одржи според одредени правила кои ве молиме да ги почитувате.
Нема да биде можно земање на поединечни ниту групни изјави од играчите и членови на стручниот штаб, ниту пред ниту по завршување на тренингот. Ве замолуваме за воздржување од контакти со играчите и со стручниот штаб.
Исто така нема да биде дозволено влегување на ТВ камери и фотографи на теренот каде ќе се одржува тренингот. Ќе замолиме сите потребни кадри да ги направите надвор од теренот“.