Од денес стартува традиционалниот струшки турнир, кој за прв пат годинава ќе биде само со македонски екипи. Ситуацијата си го направи своеото, па осум македонски екипи ќе се борат годинава за трофејот во Струга, меѓу нив е и нашиот Вардар. Под водство на Стевче Алушовски и речиси новата екипа, Вардар ќе се обиде да стане освојувач на овој турнир. Ова е прв тест период за црвено-црните, откако изминатиов период се работеше на физичката подготовка на тимот и се воигруваше новиот тим.
Во изјава за официјалниот сајт на клубот, Алушовски даде видување што го очекува неговиот тим на овој турнир.
„Презадоволен сум од работната атмосфера. Се работеше најмногу на физичка подготовка, а попладне и на тактика. Ни претстои уште доста за да дојдеме до посакуваното ниво за Лига на шампионите. Струга е прв турнир на кој ќе провериме се што работевме изминатиот период. Тука мислам на она што го вежбавме.
Сите играчи ќе добијат шанса. Вардар 1961 како европски првак оди со цел да го освои турнирот во Струга. Не можам да кажам дека резултатот не е важен, но во преден план е формата.
Дури во 2007 година, Вардар последен пат се радувал на трофејот од турнирот во Струга, па Алушовски истакна дека неговиот тим оди да победи.
- Не дека одиме да се проверуваме само. Нормално е дека одиме да победиме. Бројките се само бројки. Вардар 1961 не учествувал одамна на турнирот. Сега сме повторно тука да играме и да се надигруваме,
Како што напоменавме се работи за нова екипа на се уште актуелниот Европскиот Шампион, за кој ќе биде потребно малку повеќе време да се воигра и да започне да ги покажува резултатите кои се очекуваат.
- Сите поминале низ различни категории во клубовите од каде доаѓале, па и различни турнири и места. Условите во Струга се исти за сите екипи. Подлогата е поразлична, потврда од оваа во Скопје. Ќе треба да се навикнеме. Имаме доста нови играчи што треба да се воиграат. Не сме на посакуваното ниво. Работиме да направиме да стигнеме до онаму каде сакаме да бидеме.
Стратегот на Вардар ја прокоментира и групата на Вардар, истакнувајќи дека се фаворити, но дека нема никого да потценат.
„Екипата на Охрид од лани ја знам. Се работи за квалитетен тим што не е за потценување. Еурофарм Пелистер 2 е млад тим со неколку искусни играчи кои имаат настапувно за посериозни екипи. Бутел е тим што е во врвот на домашното првенство. Овој момент е добро да играме вакви натпревари. Ние сме фаворити, но никого не потценуваме. Ова ќе биде вистинска проверка на се што сме работеле, истакна Алушовски.