Шампионот на Македонија, тимот на Вардар одигра само 1:1 во Битола. Велиме само 1:1 бидејќи Вардар ја имаше победата во рака, но несреќно автогол си постигна Чарлестон за реми на дербито.
Фудбалерите на Вардар по првиот дел имаа контрола на резултатот и водство од 0:1 со голот на Матеј Цветаноски по одлично додавање на капитенот Мицевски. Дербито на Македонија започна добро. И двете екипи во првиот дел имаа свои добри мигови и шанси, а на полувреме со предност замина Вардар. Се играше 32. минута, акцијата за гол почна од Величковиќ-Радуловиќ. Цветаноски прими една топка во нападот, ја додаде до Мицевски, тој одигра повратна, па напаѓачот го искористи просторот што му го даде одбраната и стрелаше во мрежата на „зелените“ за голема радост и предност на ,,црвено – црните”. Во првите 45.минути одлично одигра и одбрана на Вардар.
Вториот дел започна со влегувањето на Николовски на местото на Пејаковиќ и со првиот жолт картон на дербито, за Најденов поради нешто погруб професионален прекршок. Гостите многу поспокојно загосподарија со средината на теренот, па иако не креираа зрели шанси за гол, делуваа постабилно од противникот во вториот дел. Кога се чинеше дека Вардар има се потконтрола и дека ќе забележи големи три бода, во самиот финиш, во 94.минута, Бразилецот Чарлестон и голманот Илиќ не се разбраа при една нафрлена топка и Чарлестон со ефектен автогол ги постави конечните 1-1. Голема штета.