Вардар оди на „поправен“ кај екипата на Пик Сегед. Вечерва со почеток од 18:45 часот избраниците на Алушовски гостуваат на вицешампионот на Унгарија.
Црвено-црните се во лоша серија од четири последователни порази. Последниот бод беше освоен на крајот на месец октомври минатата година, додека последниот триумф е против екипата на Фленсбург, во рамките на второто коло. Пик Сегед пак се наоѓа во победничка серија од два меча, вклучувајќи го и последното гостување во Скопје.
Теренот на кој игра Сегед е секогаш тежок за противниците, последниот дуел одигран на овие две екипи во Сегедин Арената им припадна на домашниот тим, тој натпревар беше во рамките на реваншот од 1/4 финалето.
Вардар мачи мака за да ја пронајде вистинската „формула“ за позитивен резултат. Иако дуелот со Пик Сегед кој го игравме на домашен терен можеби беше и најдобриот меч сезонава, сепак на крајот го загубивме, главниот проблем е што немаме континуитет во текот на сите 60 минути.
Нови проблеми за Вардар се и неиграњето денес на Ристовски, како и на Вујин, кој според информациите го напуштил Скопје и клубот, па на позицијата десен бек остануваме без класичен ракометар, па одговорноста ќе мора повторно да биде на товарот на Чупиќ.
Каков ќе биде одговорот на вардарци, останува да видиме, но сигурно е дека ќе биде тешко да се освојат бодови на ова гостување. Дуелот ќе биде директно емитуван на МРТ-3.