Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар повторно без бодови, нов пораз од Пик Сегед
Вардар повторно без бодови, нов пораз од Пик Сегед

Вардар повторно без бодови, нов пораз од Пик Сегед

Вардар запиша нов пораз во рамките на групната фаза од Лигата на Шампионите. Во еден возбудлив натпревар, домаќинот беше подобар со резултат 34:33.

Слично како на првиот дуел во Скопје, така и на овој во Сегедин, Вардар беше тимот кој беше подобар во првиот дел од натпреварот. Нашиот состав по истекот на првите 30 минути имаше водство од 17:19.

Иако Пик Сегед беше тимот кој го отвори резултатот со два последователни голови, ние прв пат погодуваме во 4.минута со удар од седум метри на Чупиќ. Повторно Алушовски се реши да игра со истата постава во напад, откако Дисингер започна, набрзо во игра влезе Шеваљевиќ кој беше на теренот до крајот на првото полувреме. Домаќинот имаше и водство од 5:3, но ние со голот на Шеваљевиќ во 10.минута израмнуваме на 5:5. Од 14.минута го превзедовме водството кое го задржавме до крајот на првиот дел. Одличен во овој дел од дуелот беше Јотиќ кој со два последователни голови ни донесе и предност од 7:9, за во 19 минута противникот да израмни на 10:10. Игравме добро, повторно се одлепивме на два гола кога погоди Калараш за 11:13 во 22 минута, што беше знак за Пастор да побара минута одмор. На нашиот гол се разбрани Кантегрел кој до првиот дел стигна до пет успешни интервенции. Бодо само за момент израмни на 14:14, но Стоилов ни носи предност од 14:16. Лесно можевме да поведеме и со четири гола позитива, но Георгиевски ја погоди стативата, на полувреме се замина со наше водство од 17:19. Воопшто не се почуствува празнината после заминувањето на Вујин, на десната бековска позиција одлично се снаоѓа Чупиќ кој беше и наш најдобар стрелец во првиот дел со 6 голови, додека Јотиќ имаше 5 погодоци.

Лошо го отворивме вториот дел, дозволувајќи на Сегед да влезе во серија од 4:0 и да поведе со 21:19 во 34 минута, ние се уште не можеме да го пронајдеме патот до голот. Дури во истекот на шесттата минута, успеваме да погодиме преку Стоилов за намалување на резултатот. Кантегрел солиден на нашиот гол, стигна и до седум одбрани, додека со голот на Калараш израмнуваме на 21:21. Започна лошиот период во нашата игра, стандардно паѓаме во вториот дел, а Сегед поведува и со 27:21 откако погоди Бомбач во 43 минута, а Миклер стигна и до шест одбрани. Противникот се наоѓа во серија од 6:0, а Вардар цели 8 минути е без гол. Алушовски повика тај-маут, а Вардар ја прекинува лошата серија со два гола по ред на Стоилов, додека Кантегрел стигна и до својата 12.одбрана. Надежите дека моќеме до позитивен резултат се враќаат во 49 минута кога Дибиров намали на 28:26. Во моменти кога можевме да намалиме на само еден гол, грешка прави Гаџа, а Сегед погодува за три плус на пет минути до крајот. Не успеавме да освоиме барем еден бод, до крајот Сегед ја зачува предноста и славеше со резултат 34:33.

Чупиќ имаше 9 голови, додека Кантегрел 14 одбрани.