Помладите пионери на ФК Вардар го добија дербито во лигата. Утрово на теренот на Академијата нашите млади надежи беа подобри од екипата на Победа од Прилеп со резултат 3:0
Тренерот Стефановски стартуваше со следниве 11-сетмина: Илиевски, Кулуковски, Серафимов, Стојилевски, Фидановски, Спасиќ, Дошев, Цветков, Величковски(К), Јовановски и Алији.
Вардарци имаа целосна доминација во првото полувреме во кое можеа слободно да се стекнат и со повисока предност од еден гол. Пред да го отвориме резултатот, прв директен удар кон противничкиот гол имаше Величковски кој беше блокиран, па топката заврши во корнер. Веќе во следната акција, Вардар успеа да го отвори резултатот на 1:0. Стрелец на голот беше капитенот Никола Величковски, кој умешно со глава биеше, топката го изненади голманот, кој беше немоќен и принуден да ја вади топката од својата мрежа. Имавме целосен посед на топката и константен притисок на половината на Победа. Обиди имавме и преку Алији Алтин кој денес доби шанса да настапи за помладите пионери и одлично си ја одработи задачата, кој го заменува Арбин Курти кој поради повреда го пропушта и овој дуел. После една добра акција на вардарци можевме лесно да го зголемиме резултатот.
Од левата страна центар шут упати Јовановски, топката стигна до Алији кој со глава спушти до Дошев, кој биеше од прва одлично, но голманот на гостите одлично одбрани и спаси поголема негатива за својата екипа. Во првиот дел од натпреварот, Победа имаше само еден директен удар кон нашиот гол, кој успешно го скроти Леонид Илиевски. Се обидувавме да псотигнеме и нов погодок. Во противничкиот шеснасетник во прилика се најде Алији кој шутира крај голот, додека Јовановски со освртување после нафрлена топка од аут на Фидановски, биеше но брани голманот на прилепчани. Во последната минута од првиот дел ќе ја одбележиме и шансата на Величковски кој упати удар крај гол, откако нафрли Цветков. На полувреме, Вардар имаше минимална предност од 1:0.
Во првите пет минути од вториот дел, екипата на Победа сериозно се закани во два наврати, но денес Леонид Илиевски не дозволи да биде совлада и успешно интервенираше и во двата обиди на противникот. Во својата прва прилика во овој дел од мечот, момците на Гаге зголемија и на 2:0. Стрелец на голот беше Алтин Алији кој доби одлична топка од Спасиќ и погоди за зголемување на предноста. Имавме контрола на играта во продолжение од натпреварот и не дозволивме некоја посериозна закана кон нашиот гол. Во игра влегоа Дамјан Цикарски, Стефан Ристовски и Филип Радевски.
Имавме обиди и преку Јовановски и Цветков, кои останаа нереализирани. Уште еден гол постигнавме во противничката мрежа. Се играше акција од десната страна, која започна од Стојилевски кој додаде дијагонала до Фидановски, кој продре, се ослободи од еден играч, додаде до Јовановски кој успешно реализираше за водство од 3:0, резултат кој беше и конечен на овој натпревар од 11.коло во помладата-пионерска супер лига.
Ова беше вкупно деветта победа за оваа генерација која ќе остане лидер во лигата и после одигрување на 11.коло.