Лоша вест за ракометниот клуб Вардар кој ќе биде без Анте Гаџа до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Средниот бек на Вардар имаше незгодна повреда раката на дуелот на Хрватска против репрезентацијата на Словачка, во рамките на ЕХФ Евро Купот.
На Гаџа му беше направен оперативен зафат, кој ќе го одалечи од терените до крајот на сезоната. Гаџа во вториот дел од сезоната играше во добра форма и беше еден од најдобрите стрелци на Вардар на натпреварите. Со оглед дека ќе го нема до крајот на сезоната, во комбинација на позицијата организатор на играта остануваат Ловро Јотиќ и Мартин Карапалевски.
Вардар до крајот на сезоната го очекува дуел од осмина-финалето во СЕХА против екипата на Металопластика, како и домашните натпревари во Купот и лигата.