После пласманот во следната рунда од Европскиот Куп, денес екипата на ЖРК Вардар се врати на настапите во домашното првенство. Во рамките на 6.коло од групата Б, избраничките на Ристова ја победија екипата на Стружанка со 32-27.
Натпреварот започна со погодок на Трпевска, за гостинската екипа во следните минути да стигне и до предност од 2:3 во 4.минута од натпреварот. На вардарки им требаше малку време да влезат во потребниот ритам, успеавме со голот на Нина Попова да поведеме со 4:3, но следеше лош период во нашата игра, дозволувајќи на противникот да направи серија од 0:5 и по 10 минути игра да поведе со 4:8. Благодарение на две сврзани одбрани на противничкиот голман екипата на Стружанка успеа резултатски да се одлепи. Вардар постепено ја топеше негативата на противникот, а креатор на пресвртот беше голманката Вероника Ѓорѓиевска која ја замени Андреа Илиќ. Вероника успеа да ги запре првите три напади на Стружанка откако застана на голот, и со погодоците на Бојана Коцева и Ивона Трпевска се вративме во игра, намалувајќи на 8:9. Ја подобривме играта во одбраната, заигравме поцврсто, тоа даде резултат, кога после една пресечена топка капитенот Диневска Бојана успеа да донесе израмнување (9:9), додека со погодокот на Ангела Костовиќ и поведовме.
Вероника Ѓорѓиевска стигна и до четири одбрани на нашиот гол, а со голот на Михаела Стојановска за прв пат имавме позитива од два гола (12:10). Екипата на Стружанка не дозволи поголема негатива, напротив се врати со три гола во серија за нова нивна предност од 12:13. Повторно вардарки го вратија водството, откако Галевска израмни, следеше нова контра за Бојана Диневска, додека Ангела Костовиќ со силен удар ни донесе предност од 16:14, за гостинскиот тренер да побара минута одмор. Одигравме одлично во завршните пет минути, не дозволувајќи на противникот да постигне гол, додека ние успеваме со нови два погодоци да зголемиме на највисоки четири гола разлика, па со резултат 18:14 се замина на полувреме.
Противникот се обиде и делумно успеа да ја намали нашата предност тие дојдоа на минис три гола (20-17) по 6-7.минути ракомет. Се играше претежно гол за гол на двете страни, па нашата предност од три гола опстои и точна на стредината од вториот период кога беше 23-20 за црвено-црните дами. Дојде до критичен пад во 37.минута кога промашивме два напада, противникот казни и намали на 23-22, по што Ристова побара минута одмор. Промашивме и бевме под опасност за нерешено, најмладата од голманите во овој состав, Вероника Ѓорѓиевска одбрани, во напад Михаела Стојановска која денес повторно беше непогрешлива од пенал линијата стрелаше за 24-22. За жал со серија 1-3, гостинот дојде до реми 25-25 во 51.минута. Капитенот, Бојана Диневска повлече кога е најпотребно и ни донесе 27-25 предност 2.минути потоа со нејзиниот 10.гол. Во одбраната одигравме одлично, Костовиќ, Дамјаноска и Стојаноска беа непремосливи. Дојдовме до комотни 30-26, по изедачувањето бевме во серија (5:1) до таа 57.минута. Ривалот немаше шанси за да се врати во игра, ние победивме со резултат 32-27 на крајот.
Феноменална партија имаше капитенот Бојана Диневска со 11.гола, секогаш одличната Трпевска Ивона погоди 6.пати колку и Михаела Стојановска која беше непогрешлива од пеналите, денес борбената во одбраната и креативната во нападот, Костовиќ Ангела даде 5.погодоци.