Помладите пионери на ФК Вардар го добија дербито во 4.првенствено коло. На домашен терен нашите млади надежи во градското дерби минимално го победија тимот на Работнички.
Тренерот Божиноски стартуваше со следниве 11-сетмина: Краљевски, Николов, Јанкоски, Порчу (К), Ајетовиќ, Величковски, Коловски, Сековски, Николовски, Лефковски и Анастасов.
По првото полувреме имавме предност од 1:0, но и екипата на Работнички имаше свои добри шанси во овој дел од натпреварот. Противникот се закани уште на стартот од натпреварот кога после една нафрлена топка од корнер, еден од противничките играчи беше највисок со глава, биеше, но само во пречката од нашиот гол. Вардарци успеваат да го отворат резултатот со евро гол во 12.минута од натпреварот дело на Нуман Ајетовиќ. Откако после една акција од десната страна, Николовски Марко беше фаулиран, помошникот судија го дигна знаменцето, по што беше досуден фаул за вардарци. Топката ја зема Нуман Ајетовиќ кој се реши директно откосо да бие во голот, успевајќи да го матира гостинскиот голман.
На денешниот натпревар се почувствува осуството на Миовски и Нуредини, кои се незаменливи во средината од играта на оваа генерација, па денес имавме потешкотии во тој дел од играта. Работнички на моменти имаше опасни акции, кои за наша среќа, или ги бранеше Максим Краљевски или завршуваа крај нашиот гол. После водството, момците на Божиноски имаа уште една голема шанса да го зголемат резултатот, после центар шут од слободен удар на Сековски, се создаде ситуација за Лефковски, кој биеше, но одбрани голманот на Работнички. Имаше обид и Ајетовиќ, додека како што истакнавме противникот имаше исто така добри шанси, последната беше после пробив од десната страна и нафрлена топка во нашиот шеснаесетник, еден од гостинските играчи биеше од неколку метри но над голот на Краљевски. На полувреме, сепак Вардар беше во минимална предност.
Во второто полувреме, Вардар успеа да ја зачува предноста до крајот и да ги освои бодовите. Во овој дел од натпреварот, црвено-црните беа поконкретни од противникот и се обидуваа да го зголемат резултатот. Во шанси се најдоа Сековски и Величковски, но немаше реализација. Гледавме борбен натпревар, на кој и двете екипи покажаа желба за надигрување. Вардар имаше две големи прилики за удвојување на предноста, најпрво преку Максим Цониќ кој биеше од некаде 18.метри, одбрани голманот со крајни напорти, додека во прилика се најдоа и Лефковски и Сековски, но сепак немаше нова промена на резултатот. До крајот го зачувавме водството, Вардар славеше минимална победа со резултат 1:0.
Во игра влегоа Дамјан Крстевски и Максим Цониќ.
Со овој триумф, вардарци се искачија на првото место на табелата во помладата пионерска Супер лига.