Wednesday ,16 April 2025
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Преглед на Вардаровите ракометари, кои настапуваат за своите репрезентации на контролните мечеви
Преглед на Вардаровите ракометари, кои настапуваат за своите репрезентации на контролните мечеви

Преглед на Вардаровите ракометари, кои настапуваат за своите репрезентации на контролните мечеви

Карачиќ и Циндриќ со својата репрезентација изминативе два дена одиграа контролни натпревари со селекцијата на Словенија. Двете репрезентации забележаа по една победа и пораз. На првиот дуел Хрватите победија минимално со резултат 31:30 ( 15:13). Карачиќ успеа да постигне два гола, додека Циндриќ не успеаа да се запише во листата на стрелци. Словенија на клупата ја предводи поранешниот предводник на црвено-црните, популарниот Вујо. На вчерашниот натпревар одигран во Копер, Хрватската репрезентација го доживеа сигурно еден од најголемите порази во својата историја. Избраниците на Жељко Бабиќ беа непријатно изненадени од Словенците, на крајот го загубија мечот со убедливи 32:17. Иако по првото полувреме резултатот од 14:12 не навестуваше ваков расплет на настаните во вториот дел. Словенија во вторите 30 минути одигра неверојатна одбрана, успевајќи да прими само 5 погодоци. Идентично како и на првиот меч, Карачиќ додаде два гола, додека Циндриќ и на овој дуел не го погоди голот на Словенија.

Србија “пријатно“ изненади со победата против селекцијата на Унгарија. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 24:22. Одличен натпревар одиграа двете репрезентации, каде на полувреме исто така нашиот сосед имаше водство од 14:11. На почетокот на вториот дел избраниците на Талант Душебаев успеаа да се доближат на еден гол негатива, па дури и да го преземат водството. Сепак Србите повторно заиграа на своето ниво и на крајот заслужено го добија противникот. Во составот предводен од Дејан Периќ се наоѓаат двајца играчи на Вардар. Абутовиќ играше претежно во одбраната, додека Марсениќ постигна еден гол во победата на својата селекција. Денес со почеток од 17:30 часот истиве репрезентации ќе одиграат нов контролен натпревар.

Шпанија продолжува со одлични игри на овие подготовки пред стартот на европското првенство. Нова “жртва“ за избраниците на Маноло Каденас беше селекцијата на Бразил. Во текот на целиот натпревар имаа водство, кое на крај беше изразено со конечен триумф од 37:30.На полувреме резултатот беше 20:13. На овој натпревар шанса на голот добија Перез Де Варгас од екипата на Барселона и Коралец од Висла Плоцк, додека Штербик одмараше. Македа во победата за својата репрезентација учествуваше со 4 голови, додека неговиот соиграч од редовите на Вардар Алекс Душебаев додаде еден гол.

Во овој подготвителен период активна е и репрезентацијата на Русија, за која настапуваат Тимур Дибиров, Сергеј Горбок и Данил Шишкарев. Изминативе денови се игра турнир во Москва, на која покрај домаќинот учествуваат уште и репрезентациите на Белорусија, Аргентина и Холандија. На првиот натпреварувачки ден Русија се сретна со селекцијата на Холандија, против која забележаа триумф со резултат 35:28. Вардаровото трио имаше посебна улога во овој триумф. Дибиров го заврши мечот со 5 постигнати голови, еден помалку или 4 зад името на Данил Шишкарев, додека Горбок постигна 2 гола. Русија немаше проблеми да забележи победа и на вториот натпреварувачки ден на турнирот во Москва. Избраниците на Торгованов повторно одиграа одличен меч, забележувајќи триумф против Аргентина со резултат 30:24. Шишкарев не беше во составот за овој меч, додека Горбок успеаа пет пати да се запише во листата на стрелци. Дибиров го заврши мечот со еден постигнат гол.