Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > Ве фрустрира вашата немоќ да сте – Вардар!?
Ве фрустрира вашата немоќ да сте – Вардар!?

Ве фрустрира вашата немоќ да сте – Вардар!?

Најтрофејниот македонски клуб Вардар вчера доби финансиска помош од својот основач, градот Скопје, во висина од 250.000 евра, но не помина ни еден цел ден од одлуката на Советот на градот за субвенцијата кон црвено-црните, а да не излезат дежурните сејачи на магла да ја оспорат одлуката – како тоа смеело народни пари да се трошат за македонската гордост.

Штом Вардар влезе во фокус, а во последниве години сето тоа е повеќе на политичка маса во трагикомичната битка за политички поени на грбот на измачениот и опустошен гигант, веднаш „дрвените адвокати“ се јавуваат за да кажат како тој дел не бил исправен. По нивната логика на Вардар не смее(ло) да му се помага. Помош може да има за сите, па и за тие што крадат струја и никогаш сметка не платиле, ама кога Вардар ќе дојде на дневен ред – тоа е „светски проблем“.

Вардар е основан од градот Скопје, годинава слави 75 години и во следните 100 години ни еден друг македонски клуб нема да може да стигне ни приближно до величината на скопските црвено-црни, колку и титули и трофеи да освојат.

И Вардар од независноста, кога и уредувањето се смени со распадот на бившата држава, од градот премногу ќар не виде, сè до еден период од две ипол години (2011-2013) кога македонската гордост си беше под капата на својот оснивач.

И после безмалку десет години откако градот се реши да помогне макар симболично во веќе неколкугодишен турбулентен период по раскрчмувањето на клубот во постсамсоненковата ера, таа помош излезе проблематична.

Ја оспорија во Чаир, а и во Дебар Маало, зашто сите биле клубови од Скопје итребало да им биде помогнато. Од Чаир дури бесни, не сакале нивните пари да се даваат во Вардар. А, чии пари трошат чаирчани? Даваат од свој џеб или – цицаат од општинската каса (народни пари). Во Дебар Маало, пак, не им сметала помошта за Вардар, туку требало сите клубови да добијат пари од град Скопје (?!).

Во Македонија на прсти може да се избројат клубовите кои се чисто приватни, без денар помош од општините и воглавно целиот спорт е сведен на финансирање или сопственост на општината. Безмалку секој клуб во било кој спорт има поддршка од општината. Вардар како градски клуб нема своја општина, го има само градот Скопје како свој основач и некогашен газда. Кој друг би можел да му помогне на Вардар освен градот Скопје, а притоа „душегрижниците“ да не се навредат и да не врескаат дека не сакале нивните пари да се трошат за црвено-црните?

Колку и да сакате тоа да го негирате, Вардар е јавен интерес на Скопје, Вардар е еден од маркантните заштитни брендови на престолнината, без оглед дали тоа му се допаѓало или не на некого, Вардар е клуб кој секојпат ги промовирал Скопје и Македонија многу повеќе од сите што цицаат народни пари за ништо.

Тоа што Вардар доби 250.000 евра е „капка во океанот“ во хаотичниот период на гигантот и само продолжение на стратегијата „како да закачат политички поени на грбот на великанот“?

Советниците вчера изгласаа помош на предлог на ВМРО ДПМНЕ, ама сега прашањето е зашто пред четири месеци не изгласаа помош од 500.000 евра на предлог на СДСМ? Или зашто пред повеќе од една година во турбулентниот период за промената во сопственичката структура предлогот на ВМРО не помина за помош од пола милион евра, што го оспори тогашното мнозинство во советот?

Парите што Вардар ги доби не решаваат ништо, може само малку да ја смират тензијата со неисплатени плати, пред крај на сезоната и клубот кој има потенцијал и капацитет да се врати во Првата лига да не се соочи со „пожар“ (да има егзодус на играчи) во зимскиот период и да се смири незадоволството од беспарицата.

Сè друго бара темелно, конкретно и систематско решение, ако вопшто се има желба Вардар да се врати каде што му е местото, бидејќи веројатно ви стана јасно изминативе две години дека фудбал без Вардар нема.

Јасно е дека за да му се помогне на Вардар потребна е сериозна интервенвција во работењето. И тос не само во последнава година откако други газди го преземаа клубот по стариот принцип со ветувања „ќе биде“. Треба длабоко да се расчисти како најголемиот клуб во земјава е финансиски опустошен до таа мера, што и едното игралиште кое го имаше на хартија како свое, премолчено беше отуѓено, па најголемиот бренд остана само на името, боите, навивачите, грбот и – милионскиот долг на грбот!

Партиски игранки и сеење на магла само за да се ќари некој поен во божемната битка наречена „спас на Вардар“ нема да донесе ништо. Јуни 2023 не е така далеку, зашто црвено-црниот тим има екипа за влез во Првата лига, но сè е залудно ако на „зелена маса“ не добие шанса да игра (во Прва лига може да игра само ако е акционерско друштво, кое во моментов е блокирано за милионски долг). А, досега од ниту една институција не видовме желба да се расчисти проблемот со блокираната сметка, ниту кадар кој над сè е подготвен и да го подмири тој долг, само поради повисок интерес.

Дотогаш, како и досега, Вардар ќе остане монета за поткусурување на политичките партии, но и трн во окото на сите кои не успеале своите “проекти” барем да ги приближат до тоа што Вардар отсекогаш бил.

А Вардар и ваков каков што е – е бајаги недостижен за сите. Сакале вие тоа да го признаете или не…

Извор: sport1.mk