Екипата на ФК Вардар стигна до својата шестта последователна победа во ВМФЛ. Денес на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари, црвени-црните со резултат 3:0 ја победија екипата на Саса.
Тренерот Грнчаров стартуваше со следниве 11-сетмина: Гачевски, Велковски, Папули, Глишиќ (К), Вецески, Дошев, Јусуфи, Цветановски, Јаневски, Размоски и Десниќ.
Вардар го контролираше целиот натпревар и на крајот стигна до висока победа. Резултатот беше отворен во 16.минута со голот на Дарио Десниќ за водство од 1:0, резултат кој беше актуелен на полувреме, иако Вардар во овој дел од натпреварот имаше уште две добри прилики да го зголеми резултатот.
Во вториот дел, избраниците на Грнчаров континуирано напаѓаа, за што говори податокот дека Вардар на овој натпревар изведе дури 17 корнери. Токму после изведен корнер, откако топката најпрво ја погоди стативата, истата се одби до Размоски кој погоди за водство од 2:0, додека печат на победата во 90.минута стави нововлезениот Роберт Митев за конечни 3:0.
Денес победи остварија и останатите наши конкуренти за влез во ПМФЛ, Воска и Гостивар беа сигурни на гостувањата во Виница, односно Струмица. По одигрување на 22.коло, Вардар останува лидер на табелата со 55 бодови, пред Воска со 53 и Гостивар со 51 бод.