Вардарци на вториот тест натпревар на летните подготовки одиграа 1:1 против тимот на Арсими. Вардар водеше на полувреме со 1:0, но гостинот во вториот дел дојде до гол и конечни 1:1 од овој пријателски дуел.
Вардар: Гачевски, Мишковски, Вецески, Глишиќ, Велковски, Мицевски, Николовски, Педрињо, Митев, Цветаноски и Жоглев.
Фудбалерите на нашиот тим по првиот дел имаа само еден гол предност. Велиме само еден гол бидејќи вардарци заслужија да водат и со поголема разлика на полувреме. Жоглев започна со две шанси за гол, меѓутоа изостана реализација. Голот дојде по нафрлена топка од центар шут на капитенот Мицевски, кога еден противнички играч си постигна автогол за 1:0.
По голот следуваше добра шанса на Жоглев по асистенција на Цветаноски, но одбрани противничкиот голман. Потоа Жоглев имаше 100% шанса да постигне гол, но и овој пат изостана реализацијата. Вреди да се напомене дека во првиот дел и Арсими имаше една супер шанса, но Гачевски ја покажа својата класа и го одбрани ударот и спречи 1:1. Пред крајот на првиот дел Митев имаше нова супер шанса за гол, меѓутоа ја погоди само стативата од голот.
Во вториот дел се смени комплетниот тим, па така во игра влегоа Десниќ, Блажевски, Папули, како и младите Лефковски, Филевски, Спасиќ, Гаштаров, О.Здравковски, С.Здравковски, Николовски и Грбевски. Вардар дефинитивно немаше среќа денеска, бидејќи на самиот старт од вториот дел и Огнен Здравковски ја погоди стативата од голот на гостите. Арсими по еден прекин и шанса дојде до израмнување на 1:1 некаде околу 55. минута од дуелот. Тино Спасиќ во продолжението од дуелот имаше исто така добра шанса преку корнер, но биеше високо над голот, како и Марко Николовски чиј удар го одбрани голманот. До крајот на натпреварот немаше поголеми возбудувања на двете страни.