Денес во рамките на 2.коло во Супер Лигата со кадетите и младинците гостувавме кај екипата на Брегалница. Натпреварите се одиграа на теренот „Мало Брдо“ во Штип.
Кадетите иако имаа предност на полувреме (0:1), сепак на крајот го загубија натпреварот против домашниот тим со резултат 2:1.
Вардар прв го отвори резултатот, после центар шут на Шаботиќ од десната страна, Кристијан Галевски беше играчот кој успеа да ја погоди мрежата на домаќинот за предност од 0:1.
Во вториот дел, после пет минути игра, Брегалница успеа да го израмни резултатот на 1:1. Ние имавме добра прилика преку Мирза Хасиќ кој немаше среќа кога ја погоди пречката од голот на противникот, додека на нашиот тим не му беше досуден и пенал, кој беше доста сомнителен за судиска анализа. Во прилика се најде и Стојанче Камчев, но не успеа да погоди. Домаќинот во 72.минута погоди за 2:1 и го постави конечниот резултат на овој натпревар во Кадетската Супер Лига.
Вардар: Максим Краљевски, Мичо Поповски, Филип Смиљков, Ангел Настевски, Мирза Хасиќ, Хабиб Бектеши, Кристијан Галевски, Матеј Ѓорѓиевски, Милош Спасовски, Лука Атанасовски (К), Емир Шаботиќ.
Играа уште и Марко Крстевски, Давид Цековски, Андреј Ѓуроски и Стојанче Камчев.
Младинците стигнаа до втората последователна победа во Супер Лигата, откако славеа на гостувањето кај екипата на Брегалница со резултат 1:3 (0:1).
Нов одличен натпревар за момците на Трајче Стојковски кои покажаа повеќе од противникот и на крајот заслужено ги освоија трите бода.
Марко Николовски беше играчот кој во 19.минута успеа да го отвори резултатот и да му донесе предност на Вардар од 0:1. Акција во која Марко одигра со Гаштаров, кој му даде повратна топка, за Николовски од околу 18.метри да го совлада домашниот чувар на мрежата. Обид имаше и Брегалница, но сигурен на нашиот гол беше Филевски.
Бевме подобри на теренот и во вториот дел од натпреварот. Откако еден од противничките играчи играше со рака, после пас од Гаштаров, главниот судија оправдано покажа на белата точка, сигурен реализатор беше Горјан Цветков кој во 64.минута ни донесе предност од 0:2. Точка на победата стави нововлезениот Лука Јакимовски во 80.минута од мечот кој биеше од шеснаесетникот прецизно за водство од 0:3. Во 83.минута домаќинот само намали на 1:3 за да го ублажи поразот.
Вардар: Никола Филевски, Зоран Фидановски, Златко Радески, Драган Јанкоски, Давор Лефковски, Матеј Гаштаров, Ѓорѓи Дошев, Горјан Цветков (К), Тино Спасиќ, Марко Николовски, Антонијо Крстевски.
Играа уште и Влатко Кулуковски, Лука Јакимовски, Максим Бундалески, Матеј Цветановски, Михаил Танчев и Филип Радевски.