Пионерското фудбалско дерби меѓу Вардар и Брегалница заврши без победник 2:2 (0:0).
Сите голови на овој натпревар паднаа во вториот дел од натпреварот. Во првите 45.минути не видовме некоја посериозна шанса за погодок. Брегалница имаше еден обид кој го одбрани Лука Јаневски, додека кај нас се закани Иван Блажевски, но топката заврши крај голот.
Сите возбудувања од овој натпревар беа во вториот дел од натпреварот. После една наша грешка, гостите од Штип успеаа во 65.минута од натпреварот да ја затресат нашата мрежа и да поведат со 0:1. Избраниците на Димо Мушу не се откажаа и покрај негативата, оваа генерација ја краси борбен дух, па така беше и на овој натпревар. Многу бргу успеавме да го израмниме резултатот, се играше 71.минута кога после еден центар шут, во противничкиот шеснаесетник најприсебен беше Фуад Керими кој успеа да ја погоди мрежата на гостите и да го израмни резултатот на 1:1.
Во следната акција, после изведен корнер во шанса се најде и Гаврил Петаноски кој биеше над голот. Напаѓачката игра ни донесе и предност, после една наша акција, Фуад Керими беше соборен во противничкиот шеснаесетник, по што главниот судија оправдано покажа на белата точка и црвен картон за еден од играчите на гостите. Сигурен од белата точка во 78.минута беше капитенот Михаил Јорданоски кој донесе водство од 2:1. Сепак, не успеавме да ја задржиме предноста, во 80.минута противникот го израмни резултатот на 2:2. Голема шанса во последните минути од мечот имаше Иван Блажевски кој ја погоди стативата од голот на Брегалница. На крајот конечен резултат од 2:2.
Вардар: Лука Јаневски, Фуад Керими, Стефан Атанасовски, Иван Блажевски, Михаил Јорданоски (К), Ненад Стојанчевски, Кристијан Каруловски, Гаврил Петаноски, Бобан Бакрачески, Гоце Трајчевски и Филип Дамевски.
Играа уште и Алексеј Ивановски, Марко Џолев, Филип Стефанов и Миле Дрогрешки.