Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Рк Вардар броеше до 42 и со успешен старт ја започна новата година
Рк Вардар броеше до 42 и со успешен старт ја започна новата година

Рк Вардар броеше до 42 и со успешен старт ја започна новата година

Рк Вардар со победа ја започна новата година, откако на натпревар од сеха-лигата беа поуспешни од екипата на Борац од Бања Лука. Иако настапивме со скратен ростер од само 13 ракометари, нашите момци делуваа уверливо и во ниту еден момент не го доведоа во прашање победникот на овој дуел.

Натпреварот го започнавме со Ангелов на голот, Шишкарев и Дибиров на крилните позиции, Тоскиќ како пикер, додека бековската линија ја сочинуваа Македа, Циндриќ и Горбок. На стартот на натпреварот домаќинот имаше во два наврати водство од 1:0 и 3:2. Во наредните минути Вардарци успеваа да направат серија од 0:4 и полека да се одлепуваат од противникот. Македа и Шишкарев беа најзабележителни наши ракометари во првите десет минути  од натпреварот. Поради отсуството на неколку играчи, Раул Гонзалес беше принуден да ротира со играчите на некои позиции. Така во еден дел од играта, Душебаев го замени Циндриќ во улогата организатор на играта. Предноста од три голови разлика беше активна се до 13 минута, кога следи уште една голеада на црвено-црните, а најзаслужен во тие моменти беше Циндриќ кој постигна три од последните четири голови на Вардар, за највисоко водство од 7:13. Ангелов беше одличен на голот и сосема солидно го бранеше мечот, а неговите соиграчи и покрај напорните настапи на европското првенство го даваа својот максиум на теренот. Во еден момент Борац успева да ја преполови нашата предност и да намали на 15:18, но Вардарци враќаат со два голови, за конечни 15:20 по првото полувреме.

Вториот дел на голот го започна Страхиња Милиќ кој веднаш успеаа да одбрани удар од седум метри, а со погодокот на Лука Циндриќ да имаме веќе и највисоки 16:24. Црвено-црните продолжуваат со својата одлична игра стигнуваат за прв пат до двоцифрена предност од 16:26, а Циндриќ е дефинитивно наш најрасположен играч кој до тој момент го постигна својот 6-ти гол. Милиќ набрзина успева да наниже три успешни интервенции, кои им даваа “крилја“ на неговите соиграчи д аја полнат противничката мрежа. Ако се земе во обзир дека во листата на стрелци во вториот дел се запиша и Илија Абутовиќ, ќе се забележи доминацијата на Вардар на теренот. Со неговиот втор погодок во 40 минута резултатот на семафарот гласи 17:31. Следи мало олабавување во нашите редови, што им овозможува на домаќините да намалат на 26:36. Милиќ со својата осма одбрана не дозволува Борац да ја продолжи нивната серија, која е прекината од страна на Душебаев. Филип Лазаров одигра исто така добар натпревар, со својот петти погодок зголемува на 28:40. Конечниот резултат на овој натпревар гласеше 31:42.

Најефикасен во нашите редови беше Дибиров со 7 голови, додека Циндриќ додаде 6 погодоци. Милиќ имаше вкупно 10 одбрани, додека Ангелов го заврши мечот со 9 интервенции. Нема многу одмор за нашиот шампион, кој веќе утре игра нов натпревар против екипата на Нексе.