Wednesday ,27 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар го победи Пик Сегед и на широко си ги отвори “вратите“ за треттата позиција во групата
Вардар го победи Пик Сегед и на широко си ги отвори “вратите“ за треттата позиција во групата

Вардар го победи Пик Сегед и на широко си ги отвори “вратите“ за треттата позиција во групата

Вардарци успеаа да победат на гостувањето во Унгарија и на широко да си ги отворат вратите кон обезбедување на треттата позиција во групната фаза. Тие одиграа одличен натпревар, пред се во второто полувреме кога целосно го надиграа противникот.

Натпреварот започна со голот на Македа, кој беше наш најефикасен играч по првото полувреме. Пик Сегед во наредните минути стигнува до своето прво водство на овој натпревар, дури успеа да поведе со два гола разлика 4:2. Црвено-црните успеваат со серија од три последователни голови да ја вратат предноста од почетокот на дуелот. Шпанскиот репрезентативец Хорхе Македа е нашиот најрасположен играч во овој период од мечот, додека со погодокот на Марсениќ поведуваме со 4:5. Во следните пет минути се игра гол за гол, се до моментот кога Вардарци со четвртиот погодок на Македа има ново водство. За прв пат на овој дуел, успеваме да се одлепиме на два гола позитива 6:8, но Пик Сегед успева со два гола во серија да донесе ново израмнување. Се играше цврст натпревар на двете страни, двете екипи постојано се менуваа во водство. Словенскиот репрезентативец Деан Бомбач го донесува својот тим до предност од 11:10, во 23 минута од мечот. На голот застанува Милиќ, кој го заменува Арпад Штербик и за брзо време забележува две одбрани. Следиме две израмнувања, за на неколку секунди пред крајот на првиот дел, Калман да погоди за предност од 14:13 по првото полувреме.

Слично како во првиот, така и во вториот дел Македа со гол во мрежата на Пик Сегед го израмнува резултатот. Милиќ е одличен на нашиот гол, веќе имаше пет успешни интервенции. Неговите одбрани како да беа “крилја“ за неговите соиграчи, кои успеваат со двата последователни голови на Душебаев да имаме највисоки 14:17. Во едно брзо темпо на игра, подобро се снаоѓа нашиот шампион, кој во тие моменти ги има расположените Душебаев и Милиќ. Тоскиќ донесува највисоки четири голови предност, додека на спротивната страна Бомбач со голови од седум метри е единствениот кој погодува за Унгарците. Милиќ продолжува да прави чуда на голот и да ја одржи позитивата од три голови за Вардар. Македа можеби ја игра најдобрата партија во дресот на Вардар, со неговиот осми погодок успеваме да стигнеме до највисоки пет голови ( 19:24). “Џокерот“ на овој меч Игор Карачиќ со силен удар го совладува противничкиот голман за одржување на предноста од пет голови, на десет минути пред крајот. Во истовремено Милиќ ја забележува својата десетта одбрана, откако му фаќа зицер топка на крилото Калман. Со неверојатни 53 % проценти на одбранети удари, Милиќ е сигурно еден од најдобрите во второто полувреме. Горбок постигнува многу важен погодок, додека “Џамбо“ полека почна да го откажува домаќинот. Во ситуација со играч помалку, Дејан Манасков со маркер успева да постигне гол за водство од 24:29 на четири минути пред крајот. Душебаев со својот петти погодок и тоа сите во вториот дел, става точка на овој натпревар. Конечниот резултат гласеше 29:31

Најефикасен во нашиот состав беше Македа со 8 постигнати голови, додека Душебаев додаде 5. Милиќ дефинитивно најзаслужен за победата со 13 одбрани.