Познати се сите екипи кои обезбедија пласман во полуфиналето од ракометниот куп на Македонија во женска конкуренција. На завршниот турнир ќе имаме можност да гледаме две екипи на ракометниот клуб Вардар. Жрк Вардар и Жрк Вардар Јуниор ќе се борат за трофејот од националниот куп, а Жрк Вардар го брани истиот, откако минатата сезона во финалето беше подобра од екипата на Металург.
Инаку во четвртфиналето избраничките на Кастратовиќ и Камара беа убедливи против Овче Поле ( 48:14), додека “сестринскиот тим“ на Јуниор немаше поголеми проблеми во дуелот со Пелистер победувајќи со резултат 38:18. Останатите две екипи кои ќе се обидат да вмешаат “прсти“ во борбата за трофејот се екипите на Металург и Куманово. Секако Жрк Вардар и оваа сезона е најголем фаворит за освојување на двојната круна. Завршниот турнир ќе биде одигран на 7 и 8-ми мај, а место на одигрување ќе биде дополнително одредено.