Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Сашо Милошевски: Младинската школа функционира како едно семејство и затоа резултатите не изостануваат
Сашо Милошевски: Младинската школа функционира како едно семејство и затоа резултатите не изостануваат
Стручниот тим одговорен за успехот!

Сашо Милошевски: Младинската школа функционира како едно семејство и затоа резултатите не изостануваат

Финишираше една успешна сезона за младинските категории на фудбалскиот клуб Вардар, кои освоија вкупно три трофеи, иако бевме во борба за уште неколку. Помладите пионери станаа вицешампиони со само еден бод помалку од првопласираниот. Пионерите стигнаа до двојната титула, кадетите и младинците играа финале на куп, а младинскиот состав го освои и првенството. Како помина сезона во младинските категории ќе можете да прочитате од Сашо Милошевски, кој ја извршува фунцијата на координатор во овие генерации.

Помладите пионери имаа одличен есенски дел, каде беа есенски шампион. Сепак во пролетниот дел нерешениот резултат против Победа и поразот од Шкендија ги чинеше губење на титулата.

-Помладите пионери се деца од 14 и 15 години и тоа е малку специфична генерација на која и беше прва година на натпреварување на голем терен со 10+1 играчи и нормално е за нив што имаше мал пад во играта. Сепак до самиот крај се бореа за првото место, што и за оваа генерација не е толку важно. Најбитно е што се прилагодија на начинот на игра, кој го практикуваше тренерот Сашо Јанев и многу совесно ги извршуваа поставените задачи. Во оваа генерација имаме репрезентативци како Матеј Андов, Давид Астарџиев, Виктор Петкоски и Филип Манасивески кои воедно и најмногу се истакнаа оваа година. Но тука беа и нивните соиграчи, чија заслуга е исто така подеднаква како на споменативе поединци.

Пионерите се наша најуспешна генерација за сезоната која измина. Тие успеаа да ја освојат двојната круна, што претставува голем успех.

-Пионерите од година во година играт се подобро. Минатата сезона го освоија купот, а оваа година првенството и купот. Во целост ги извршија тактичките задачи на тренерот Сашо Тодоровски. Исто така и тука имавме неколку репрезентативци, кои ја одбележаа оваа година. Малик Зибери, Марко Ѓорѓиевски, Јакуп Бериша, Саит Битиќи и Филип Антовски, кој ќе биде наш член во новата натпреварувачка сезона.

Кадетите не стигнаа до ниту еден трофеј, но покажаа дека со напорна работа и труд може да се одигра квалитетно и да се остварат добри резултати. Со доаѓањето на Влатко Колев како стратег на оваа генерација очигледен е напредокот кај оваа екипа, која играше и во финалето на купот.

-За кадетите мое лично мислење е дека се надминаа самите себе под водство на тренерот Влатко Колев. Стигнаа до финалето на купот и го освоија третото место во лигата. Во оваа генерација отскокнаа репрезентативците Дејан Маркоски, Дамјан Менкиноски, како и Александар Трајчевски и Гоце Насковски, а со својата ангажиранот и борбеност се докажаа и останатите играчи.

Младинците го освоија првенството, што е одличен успех. Имаше неколку екипи што одржуваа чекор со нашите младинци во борбата за трофејот, но црвено-црните имаа добри игри во пролетниот дел а победите против сите директни конкуренти беше решавачкиот момент за освоената лига. Тука се и неколку играчи кои имаа можност да работат со првата екипа.

-Младинската екипа според мене е една од нашите најквалитетни генерации под водство на тренерот Љупчо Марковски. Минатата година го освои купот, а оваа сезона и првенството, каде без конкуренција бевме најдобри. Слободно можам да кажам дека овој тим може да се носи со екипите од горниот дел на втората фудбалска лига. Од младинскиот состав со првиот тим се приклучија Есмин Личина кој замина и на подготовки во Австрија, потоа Виктор Димков, Филип Трајчевски, Ердон Даци и Дарко Додевски кои се репрезентативци на Македонија. За нас најголемата сатисфакција е што стигнаа играчи од младинската школа до првиот тим на ФК Вардар.

Може слободно да се каже дека младинските категории на ФК Вардар никогаш немале подобри тренери за своите генерации. Задоволството од нивната работа и пристапот со децата кај координаторот Милошевски е очигледно.

-Од сите овие тренери вклучувајќи ги и Љупчо Кметовски и Мане Манев кои се тренери на голманите сум презадоволен, како од односот кон децата и од приодот на тренинзите каде што работат со голем ентузијазам и голема љубов. Ако е потребно една вежба се повторува повеќе пати, со цел да се научат децата како треба. Мора да го искажам задоволството и од нивната поставена дисциплина во своите екипи. За цела сезона немаше ниту еден инцидент, како на тренинг така и на натпревар, што сме пример за сите останати екипи. Децата имаат почит кон тренерите, но и тие спрема нив. Со еден збор младинската школа функционира како едно семејство и затоа резултатите не изостануваат, изјави Сашо Милошевски за нашиот сајт.

Звонко Ивановски