Изминатиов период Вардарки учествуваа на турнирот “Винко Кандија“ на кој го освоија првото место. Совладани беа екипите на Подравка, Хипо и Крим Меркатор. По завршување на турнирот беа доделени и наградите за најдобри поединци. Ина Суслина беше прогласена за најдобар голман, Тамара Мавсар за најдобар стрелец, додека МВП беше Андреа Пенезиќ. Шефот на стручниот штаб, Индира Кастратовиќ во изјава за официјалниот сајт на клубот искажа задоволство од сработеното на подготовките во Словенија и од одиграните натпревари.
-Со оглед на тоа што во екипата немавме седум ракометарки, нам најважното ни беше да видиме како ќе играме во одбрана, и да се сочуваме од повреди. Имавме напорни базични подготовки, и ова беа првите натпревари со топка. Очекувавме дека ќе ни биде напорно, особено што имавме на располагање само 10 играчи во поле и два голмана. Имавме тактички замисли што требаше да ги реализираме, и така се однесувавме на секој натпревар. Очекувам и во иднина да играме добро во одбрана, зашто таа секогаш е предуслов за победа.
На турнирот игравме против поранешни европски шампиони. Кастратовиќ потенцира дека најважно е што сме одиграле според договореното.
-Тоа што Вардар победуваше со голема разлика против екипи што некогаш биле европски шампиони нема да не залаже. Прво, ова е почеток на сезона, и секоја екипа си ја темпира својата форма. Така беше и со нас, иако игравме без седум ракометарки. Најважно е што ние никого не потценивме, ниту пак размислувавме за ривалите. Се обидувавме да ја играме нашата игра, она што ни беше договорено и замислено. Тоа секогаш е нашата заложба. И девојките знаат дека секој меч е посебна приказна, за секој противник посебно треба да се подготвуваш, но најважно е сопствената игра да ја спроведеш на дело.
Новите засилувања Тамара Мавсар и Дијана Илина ги одиграа првите натпреваари во црвено-црниот дрес.
-Сите играчи се професионалци и секако го користат максимално времето што им се дава на секој натпревар. Иако со нас е само неколку недели Тамара Мавсар покажа огромен професионализам и се однесуваше како да е дел од тимот со години, и веќе е одлично вклопена. Тоа го покажува и нејзината игра и ефикасност. Зад себе има многу силни натпревари и не и претставуваше проблем брзо да се вклопи. Верувам дека таа допрва ќе ги покаже своите одлични играчки и реализаторски квалитети. Исто е размислувањето и за Илина која е пред се доста млада и со не толку големо искуство, но она што го покажа укажува дека има не само потенцијал туку и квалитет што сигурно ќе дојде до израз, вели Кастратовиќ.
Само 12 ракометарки беа во ростерот на тренерот Кастратовиќ на турнирот “Винко Кандија“. Како што е познато недостасуваа шест ракометарки кои беа дел од олимпиксите игри во Рио, како и Андреа Лекиќ која сеуште е под посебен тренажен процес.
-Ние моравме да комбинираме на секој натпревар. Особено во неделата зашто требаше да игра два силни меча, еден наутро, а другиот попладне. Немаше многу време за одмор. Затоа дел од играчите добија и посебни задачи, играа на места на кои ретко играат. И задоволна сум како се снајдоа. Покажаа дека можат да одговорат на нов предизвик и задачи што ќе им бидат поставени. Тоа во иднина сигурно ќе го имаме предвид при правење на некоја тактика. Најважно е што сите дисциплинирано се однесуваа кон секоја топка, секој напад и пред се во одбрана, рече Кастратовиќ.