Откривањето на талентирани играчи преку фудбалската “Јуниор“ лига продолжува и понатаму. Ова е само втора сезона на нејзиното функционирање, која полека започнува да ги дава потребните резултати. Овој голем проект на фудбалскиот клуб Вардар има за цел да ги обедини сите школи од Македонија да се натпреваруваат во една лига и да им овозоможи простор на сите деца кои сакаат да играат фудбал и да го покажат својот талент, токму преку натпреварите од Јуниор лигата. Самиот интерес за овој спорт е зголемен со приклучувањето на фудбалските школи во “Јуниор“ лигата, каде бројот на новозапишани деца е зголемен. Вардар е спортски бренд во Македонија, каде треба да играат најталентираните и квалитетни играчи. Таков е уште еден пример со Матеј Богдановски кој во новата сезона настапува за ФК Вардар од генерацијата родени “2004“ година. Во следново интервју ве запознаваме со неговите почетоци во фудбалот, мислењето за “Јуниор“ лигата, за неговите настапи во фудбалскиот клуб Вардар и.т.н.
-Уште од најмала возраст, топката ми беше најомилена играчка. На четири ипол годишна возраст, почнав да следам фудбалски натпревари, научив многу странски фудбалери и почна да ме интересира овој спорт. Се додека моите родители мислеа дека моето играње со топка е само една обична детска игра, одредени луѓе сметаа дека поседувам некаков талент за фудбал. Играњето со моите постари другари, ме поттикна и јас да почнам да тренирам фудбал. Тренерот Јовче Џипунов, направи исклучок и дозволи да тренирам со неполни 6 години, во фудбалската школа “Форца“. Покрај него, тренери ми беа и Гоце Петровски и Синиша Лучиќ, од кои ги учев основите на фудбалската игра.
Според Матеј, фудбалската игра е нешто посебно кое бара голема посветеност и внимание. Не сака многу да размислува за иднината, моментално е сконцетриран на настапите во ФК Вардар.
-На почетоците играта ја гледав како забава, но со текот на времето сфатив дека фудбалот не е така лесен, тоа е доста интелегентна игра, полна со тактики, надмудрувања, во која се бара посветеност и размислување. Не сакам да размислувам за далечната иднина иако потајно посакувам да бидам професионален фудбалер и да имам успешна кариера, во овој момент сакам да одам чекор по чекор и да навлегувам во тајните на фудбалот.
“Јуниор лигата“ се покажа како голем чекор во неговата понатамошна кариера. Неговите настапи беа бурно следени од тренерите во младинските екипи на Вардар, кои му дадоа шанса да го носи црвено-црниот дрес.
-Помина само една година како тренирав во Ф.Ш. Форца и веќе на седум години, тренерите ме вклучија во детската “Јуниор лига“. Цели пет години учествував на овие натпревари, постигнувавме успеси, се сретнувавме со најразлични екипи од цела Македонија, со кои ги одмерувавме силите. Проектот “Јуниор лига“ е место каде што децата се дружат, каде се запознаваат еден со друг и други екипи и можност секој да го покаже своето знаење. Со “Јуниор“ лигата секое дете има шанса да биде видено од страна на други тренери. Таква можност имав и јас, мојата игра и долгогодишно тренирање беше следено од страна на тренери на Ф.К. Вардар и ми дадоа шанса да бидам дел од клубот каде што би се усовршувал и би допринел за успесите на овој клуб.
Чест е да се настапува за најголемиот фудбалски клуб во Македонија, а уште поголема е да се работи со еден од најдобрите тренери во младинските екипи на Вардар. Матеј има можост да учи од Ане Андовски кој има што да им покаже на своите избраници.
-За мене доаѓањето во Вардар е голем успех, каде што има селекција, собрани се најдобрите фудбалери и каде што има најдобри услови за работа. Секојдневните тренинзи и добрата екипа под водство на нашиот тренер Ане Андовски, не се сомневам во успехот на генерацијата 2004. Во овој момент сум задоволен од приемот во екипата, тренерот и тренинзите. Плановите ми се паралелно да си тренирам и да не го запоставам учењето, а понатамошните планови и желби ми се да го освоиме првото место во лигата и на турнири во кои што ќе учестуваме со Ф.К. Вардар.
Звонко Ивановски