Младинците на РК Вардар го доживеаа вториот пораз во рамките на младинската група 1. Избраниците на Слободан Чивлачки и Кристијан Грчевски вечерва беа поразени на гостувањето во Битола од екипата на Еурофарм Работник.
Заслужен триумф за домашниот тим, кој имаше водство во текот на целиот натпревар. Започнаа со серија од 3:0 и 5:1, за Вардарци во следните минути да постигнат четири последователни голови и за прв пат да го израмнат резултатот на 5:5, што беше и единтвено на овој дуел. Сепак следи нова доминација во играта на Еурофарм кој прави серија од 5:0, за повторно да ја врати предноста и овој пат да има највисоки пет голови разлика од 10:5. Црвено-црните постојано бркаа негатива, во еден момент успеаа да стигнат до три гола негатива (13:10), но до крајот на првото полувреме, противникот ја задржува предноста и на одмор заминува со резултат од 17:13.
Вториот дел започна со гол на Еурофарм за враќање на оние највисоки пет голови разлика 18:13, а имаа и водство од 20:15. Во продолжение од мечот следиме подобра игра на нашиот состав кој се обидуваше да фати резултатски приклучок на натпреварот. На осум минути пред крајот на натпреварот стигнавме до само два гола заостанување 23:21. Но сепак кога најмногу требаше, Еурофарм прави нова серија од 3:0 и поведува со 26:21, по што беше познат победникот на овој дуел. Конечниот резултат гласеше 28:25.
Ова беше втор пораз во серија за нашите младинци, кои имаат уште една победа и нерешен резултат.