Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар го “бутна“ европскиот шампион на колена и дојде на врвот во групата Б, нема веќе непоразени по одигрување на шестото коло во ЛШ
Вардар го “бутна“ европскиот шампион на колена и дојде на врвот во групата Б, нема веќе непоразени по одигрување на шестото коло во ЛШ

Вардар го “бутна“ европскиот шампион на колена и дојде на врвот во групата Б, нема веќе непоразени по одигрување на шестото коло во ЛШ

Пред нас се натпреварите од шесттото коло во лигата на шампиони во машка конкуренција. За нас интересната група Б каде настапува екипата на РК Вардар која после победата против Киелце се наоѓа на првото место на табелата. Нови бодови забележаа уште и екипите на Пик Сегед, Рајн-Некар и Брест Мешков.

Вардарци пред својата публика го надиграа европскиот шампион, екипата на Киелце совладувајќи ја со резултат 40:34. Црвено-црните подобро го започнаа мечот и во најголем дел од првото полувреме имаа водство. Противникот успеваше на моменти да се врати и во еден момент да има предност од ва голови разлика. Сепак до крајот на првиот дел, Вардар повторно го врти резултатот во своја корист, а за никој да нема предност по првото полувреме се погрижи Бомбач кој речиси во последната секунда постигнува гол за 18:18 по истекот на првите 30 минути. Во вториот дел, нашиот ракометен шампион ја покажа својата сила и моќ. Полека но сигурно како течеше мечот го зголемувавме водството и го стававме Киелце во искушение. На голот го имавме одличниот Штербик, додека во нападот расположени за голови беа Карачиќ, Дибиров и Душебаев. Се беше јасно кога на шест минути пред крај имавме највисоки осум голови разлика (26:28). Последните минути беа чиста рутина и одработување на мечот. Голема победа за Вардар, која ни го донесе врвот во групата. Карачиќ постигна 9 голови, додека кај поразените се истакна Агинагалде со 8 голови.

Екипата на РК Загреб после победата против Вардар го доживеа четвртиот пораз во групата Б. Рајн-Некар се одмазди за испаѓањето од четвртфиналето минатата сезона и минимално го победи шампионот на Хрватска. Бундеслигашот славеше со резултат 25:24. Во текот на целиот меч имаа постојано водство кое во еден момент од првиот дел достигна до пет голови разлика (12:7). До крајот на првиот дел се одржуваше оваа предност, па на одмор се замина со резултат 14:10.

Во текот на второто полувреме, Рајн-Некар имаше контрола на резултатот и на пет минути пред крајот имаше водство од 24:20. Сепак домашниот тим ја искомплицира работата и за малку недостасуваше да не ги освои двата бода од овој меч. На 25 секунди пред крај Рајн-Некар имаше предност од еден гол и напад, кој не успеа да го реализира. Останаа десет секунди за напад на Загреб, кои не успеаа да успешен начин да ги искористат. Натпреварот заврши со резултат 25:24. Шмид и Стенхаузер кај победничкиот тим постигнаа по 7 голови, додека кај Загреб, Мандалиниќ беше убедливо најефикасен со 9 голови.

Пик Сегед освои многу важни бодови, за пласман погоре на табелата. Избраниците на Хуан Карлос Пастор забележаа триумф против екипата на Целје, меч кој се одигра во Словенија. Целје беше подобра екипа во првото полувреме, каде имаше постојано водство и на одмор замина со резултат 15:16. Сепак во второто полувреме, вицешампионот на Унгарија направи голем резултатски пресврт и успеа натпреварот да го добие убедливо со 25:31. Одлучи поширокиот ростер на клупата на Пик Сегед, кој покажа дека не била случајна победата против Веспрем во домашнатото првенство. Поранешниот играч на Вардар, Сергеј Горбок го предводеше својот тим до триумф со 7 постигнати голови, додека кај Целје најдобар беше Жвижеј со 5 голови.

Екипата на Брест Мешков ја оправда фаворитската улога и на свој терен го победи Кристијанштад. Заслужена победа за Белорусите кои имаа постојано водство во текот на целиот меч. На полувреме имаа солидна предност од 17:13. Без поголеми пресврти во вториот дел, Мешков го контролираше резултатот и не дозволи на противникот посериозно да се доближи. Конечниот резултат гласеше 32:27. Дури пет играчи кај Брест постигнаа по 5 голови. Тоа беа Атман, Кристопанс и Рутенка, додека кај Кристијанштад вообичаено најефикасен играч е крилото Толбринг со 8 голови.

Вардар е прв на табелата после одигрување на шест кола во групата Б:

1. Вардар   10

2. Рајн-Некар   9

3. Киелце   8

4. Пик Сегед   7

5. Брест Мешков  6

6. Целје   3

7. Кристијанштад   3

8. Загреб  2

Двојки за следното седмо коло:

Рајн-Некар - Вардар

Загреб – Киелце

Кристијанштад – Пик Сегед

Брест Мешков -Целје П.Л.

Интересно е што нема веќе непоразени екипи во лигата на шампиони. До пред ова коло, Барселона беше со максимален број на освоени бодови, но ПСЖ е тимот кој им го нанесе првиот пораз.