Вардар веќе е во 1/2 финалето од Купот на Македонија. Попладнево шампионот на Македонија го победи младиот тим на Металург со резултат 1:4 (0:4). Стрелци на головите за Вардар на овој натпревар беа: Асани, Николов, Попов и Петковски – сите во првиот дел. Вардар денешниот натпревар го започна во следниот состав: На голот конечно застана и Пачовски, потоа во одбраната беа Грозданоски, Попов, Грнчаров и Новак, средината на теренот ја сочинуваа Николов, Глигоров и Спировски, на крилните позиции беа Асани и Пековски додека пак напаѓач и денеска беше Балотели.
Вардарци првиот дел го одиграа на лесен начин и по само 45 минути го решија патникот во 1/2 финалето од Купот на Македонија. Прв на натпреварот се закани Глигоров во 5 минута, но неговиот удар отиде во рацете на Лазаревски. Веќе во 9 минута Вардар дојде и до предност од 1:0. Асани одзеде една топка, излезе сам пред противничкиот голман и погоди. Во 26 минута Вардар ја удвои предноста преку Николов. Балотели му додаде една одлична топка, а Николов стрелаше прецизно во долниот лев агол за 2:0. Серијата на погодоци ја продолжи Горан Попов во 29 минута од мечот. Асани од десно изведе прецизен слободен удар, Попов се најде на вистинското место и ја “заби” топката во голот на Лазаревски. Во 41 минута домаќинот прв пат на мечот се закани преку Митрев, но Пачовски лесно одбрани. Во 45 минута Петковски стрелаше прецизно за веќе 4:0. Николов се обиде да шутира, но млако ја зафати топката која стигна до Петковски кој биеше прецизно од пет метри за веќе убедливи 4:0 по првиот дел.
Во вториот дел Седлоски направи дури три измени. Во игра влегоа Глишиќ, Фелипе и Блажевски а од игра излегоа Асани, Грнчаров и Глигоров. Иако “Комитите” имаа забрана, сепак, најдоа начин и го бодреа Вардар од ридот одма над стадионот на “Железарница”. Во 54 минута Блажевски се обиде со удар, но топката закачи некој од играчите на Металург и замина крај голот. Потоа во 60 минута се закани и Фелипе, но голманот на домаќините лесно го одбрани овој удар. Во 63 минута Металург ја имаше најголемата шанса да стигне до гол. Колевски се најде сам пред Пачовски, но нашиот голман одлично одбрани и спречи гол за домаќинот. Уште една шанса имаше Колевски. Во 80 минута со глава од корнер биеше, но неговиот удар заврши за малку крај голот на Вардар. Потоа во 81 минута Петковски имаше убава шанса, шутираше од десетина метри но високо над голот. Во 85 минута домаќинот повторно се закани преку Бакрачески но овој играч биеше за малку крај голот на Пачовски. Следуваше најубавата шанса за Вардар во вториот дел. Глишиќ се најде сам пред голманот на домаќинот но биеше многу лошо и пропадна оваа одлична можност за гол. Следуваше казна на спротиваната страна. Тихомир Фиданоски стрелаше прецизно од десетина метри за почесен гол на домаќинот 1:4.