Денес на Кале се одигра претпоследното коло во првата ракометна лига. Екипата на РК Варда 2 беше домаќин на тимот Преспа 2010, кој во една интересна завршница одигра со нерешен резултат 31:31.
Преспа прва го отвори резултатот на овој натпревар, но Стефан Чакалиќ со два свои гола носи водство на Вардар од 2:1. Во петтата минута од мечот имаме водство од 4:2 со голот на Димитров. Гостинската екипа имаше можност да го израмни резултатот, но нашиот голман Брауновиќ брани удар од седум метри. Тоа го искористуваме во напад и со голот на Марко Мишевски поведуваме со 5:3. Вардарци играа добро во овој период од натпреварот и успеваат да стигнат до највиоски четири голови разлика (8:4) во 12 минута со голот на Стефан Крстевски. Противникот успева да намали со два последователни погодоци, но Вардарци враќаат со иста мера и во 18 минута со голот на Амзоски ги враќаат четирите голови предност. Потоа следиме несфатлив пад во нашата игра, неколку непрецизни додавања во нападот му овозможија на гостинскиот тим со лесни голови од контра напади да ја преполови нашата предност. Во 23 минута од мечот се случи и второто израмнување на натпреварот. Ѓоршоски за момент носи ново водство за црвено-црните, но до крајот на првото полувреме со серија од 1:4, на одмор Преспа 2010 заминува со предност од 17:19.
Продолжи серијата на Преспа и во второто полувреме и на стартот на вториот дел имаа високи 17:21. Првиот гол во второто полувреме го постигнуваме по пет минути игра за намалување на резултатот. Неможевме никако да ги консолидираме своите редови и да ја вратиме препознатливата игра. Противникот тоа го искористува за во 37 минута да има највисоики пет гола (19:24). Сепак неможеше вечно да трае таквата игра, малдиот состав на Петковски почнува да игра поангажироно и да ја топи предноста на гостинот.
Крилото Димитров постигнува гол за намалување на 22:24, додека со погодокот на капитенот Трајковски успеваме набрзина да стигнеме до израмнување (26:26). На седум минути пред крајот, Преспа поведува со 28:29 но во следните две минути избраниците на Петковски постигнуваат два гола и преку Димитров поведуваме со 30:29. Следеа драматични три минути за двете екипи. Вардар имаше водство и двајца играчи повеќе на теренот, одземавме една топка но направивме погрешно додавање кое противникот го казни за израмнување на резултатот. Имавме и 20 секунди време за напад, но Преспа направи два фаули, по што немаше време да реализираме. Конечниот резултат гласеше 31:31.
Никола Димитров постигна 7, додека Дамјан Трајковски 6 гола во редовите на Вардар.
РК Вардар 2: Петковски, Чакалиќ 5, Крстевски 3, Мишевски 3, Димитров 7, Апостоловски, Гичев, Стојов, Мицаноски, Ѓоршоски 2, Брауновиќ, Стошиќ 1, Амзоски 2, Атанасовски, Стојановски 2, Трајковски 6