Вардар попладнево на домашен терен ја совлада екипата на Ренова со резултат 1:0 (0:0) и дојде до важни три бода во ПМФЛ. Нашите играчи во првиот дел створија малку шанси за гол, но во вториот тоа се промени и со голот на Блажевски стигнавме до победа. Веќе в среда не очекува нов натпревар, во Битола против Пелистер.
Први се заканија гостите од Тетово во 4 минута од мечот преку Нухи но неговиот удар го одбрани Гачевски и изби во корнер. Потоа во 9 минута Вардар за прв пат се закани на овој меч преку Асани, но и неговиот удар го одбрани голманот на Ренова Хаџо. Потоа во 20 минута и Дејан Блажевски упати еден удар, но неговиот шут отиде високо над голот на Хаџо. Следен кој се закани беше Николов во 29 минута, неговиот удар отиде во голот на Ренова, но голманот Хаџо ја одбрани оваа топка без проблеми. Во 41 минута Вардар ја имаше најубавата можност. Николов упати еден удар по десетина метри, но неговиот удар заврши во ногата на Муслиу кој спаси можеби погодок за нашиот тим. До крајот на првиот дел се обиде и Фелипе од слободен удар, но и неговиот удар заврши над голот на гостинот.
Во вториот дел во игра влегоа Дарко Велковски и Џонатан Балотели, а излегоа Петар Петковски и Јасир Асани. Првата закана во вториот дел ја имаше Вардар. Во 47 минута Брдаровски одлично нарфли, но топката за малку не ја зафати Балотели. Во 67 минута Вардар ја имаше најголемата шанса за гол. Балотели биеше од 15-сетина метри, но голманот на Ренова со парада ја одбрани оваа топка и ја исфрли во корнер. Во 68 минута во нашиот тим влезе и Дамир Којашевиќ а излезе Бобан Николов. Во 72 минута се обиде од далечина и Фелипе, но неговиот удар заврши над голот на гостинот. Вардар дојде до водство во 77 минута од натпреварот. Брдаровски одлично го проигра Блажевски, кој излезе сам пред голманот Хаџо, биеше силно и прецизно за 1:0 и голема радост на Вардарци. Во 80 минута се закани и Којашевиќ, но неговиот удар отиде за малку крај голот на Хаџо. Во 82 минута Вардар имаше голема шанса, Брдаровски беше несебичен и ја додаде топката до Балотели, но истата не дојде до нашиот играч и пропадна оваа можност за нов гол. Вардарци до крајот на мечот рутински си ја завршија својата задача.
Шкендија одигра дома 2:2 со Работнички. Со нивниот “кикс“ Вардар се одлепи на врвот на табелата со шест бодови повеќе.