Вечерва Вардарци го одиграа последниот меч пред својата публика во рамките на СЕХА-лигата. Во еден интересен и неизвесен натпревар, црвено-црните славеа со резултат 33:31.
Натпреварот со гол го отвори Игор Карачиќ и во следните шест минути се игра гол за гол на двете страни. Следува прва поголема за нашиот ракометен шампион кој постигнува три последователни голови од кои два беа на Чупиќ за предност од 7:4. Во следните десет минути од натпреварот Целје успева да ја смали разликата на 10:9. Вардарци не дозволуваат на Целје да го израмни резултатот и со нова серија од 4:1, а прв пат на натпреварот има највисоки четири голови предност. Истовремено Штербик стигнува до својата шеста одбрана. До крајот на првиот дел успеваме да го зачуваме водството и на одмор да заминеме со предност од 17:14.
Второто полувреме започнува со два гола на црвено-црните за највисоки пет голови на стартот од вториот дел (19:14). Врати Целје со два погодоци, додека во 39 минута, Фереира имаше можност да му донесе предност на Вардар од шест голови, но неговиот удар го брани противничкиот голман, Урбан Лесјак. Ова го искористува Целје кој постигнува два гола и намалува на 24:22. Словенците го имаа расположениот во вториот дел, Лесјак кој стигнува до својата шеста одбрана и не дозволува Вардар да се одлепи резултатски. Штербик спречува Целје да израмни, забележувајќи ја својата единаесетта успешна интервенција. Црвено-црните заигруваат поцврсто, прават нова серија од 3:о и со два последователни голови поведуваат со 28:24. На пет минути пред крајот Жвижеј постигнува гол и намалува на 29:28. Штербик со нова одбрана не дозволува израмнување, што му овозможува на Марсениќ да зголеми на 30:28. Сепак упорноста на противникот се исплатеше кој израмнува на 30:30, по што тренерот Гонзалес повика минута одмор. На 40 секунди пред крај Стоилов постигнува гол, кој му носи предност на Вардар од 32:20.
Карачиќ беше најефикасен со 6 голови, додека Фереира и Марсениќ постигнаа 4. Арпад Штербик имаше 12 одбрани.
Во вторник, Вардарци ги очекува уште еден дерби натпревар во ова натпреварување против Загреб на гостински терен.