Денес со почеток од 15:30 часот нашиот машки ракометен шампион ќе го одигра последниот натпревар за оваа година против екипата на Брест Мешков, во рамките на регионалната СЕХА-лига. Со овој противник го започнавме ова натпреварување, кога на домашен терен во спортскиот центар Јане Сандански одигравме со нерешен резултат (34:34) кое беше наше единствено реми во ова натпреварување и во меѓусебните дуели со шампионот на Белорусија. Ова ќе биде нивни единаесето сретнување, Вардарци имаат шест победи, четири се во корист на Брест Мешков, додека само еднаш натпреварот заврши без победник. За оваа сезона ова ќе биде четврто соочување на двете кипи. Првото го доби Брест Мешков во подготвителниот период на турнир во нивна организација кога во финалниот меч славеа со резултат 29:26. Следеше натпревар во СЕХА-лигата кога ремизиравме, а првиот триумф оваа сезона го забележавме во рамките на најсилната група од лигата на шампионите, кога пред својата публика славевме со резултат 31:27.
Пред три дена, црвено-црните по 13 последователни натпревари го доживеа првиот пораз во СЕХА-лигата, против екипата на Загреб. Сепак и покрај поразот останавме на првото место на табелата со 35 освоени бодови. Денешниот противник е четвртопласиран со 26 бодови и натпревар помалку од нашиот состав. Избраниците на Бебешко имаат учинок од 8 победи, 2 нерешени резултати и 3 порази. Очекуваме нов интересен и пред се квалитетен натпревар на двете екипи, кој ќе оди со директен пренос на МРТ-1. После овој дуел, следува пауза поради настапите на светското првенство кое ќе се игра во Франција. Следниот дуел за Вардар во СЕХА-лигата е закажан за 2-ри вефруари против тимот на Нексе, меч кој треба да се одигра во С.Ц. Јане Сандански.