Вардарци утре и задутре ќе го имаат првиот собир во новата година. Како и секоја година, така и оваа, сите играчи на ФК Вардар пред стартот на зимските подготовки ќе треба да ги поминат задолжителните лекарски прегледи. На утрешните прегледи ќе се појават дел од играчите, односно тие што се од Македонија. Интернационалците своите лекарски прегледи предвидено е да ги минат ден подоцна, односно в петок.
На утрешните прегледи се очекува да дојде и едно ново име. Се работи за Бесир Демири, кој утре ќе го има првото официјално запознавање со новите колеги. Инаку, првите тренинзи на Вардарци во новата година се закажани по Божиќ, односно в недела. В недела го очекуваме целиот тим заедно со стручниот штаб да го одработат првиот тренинг во 2017 година. Не се исклучува можноста в недела на прв тренинг да се појави и некое друго ново лице освен Демири.