На средина сме од втората натпреварувачка сезона во ракометната “Јуниор“ лига. Пред нас е есенскиот дел каде се одиграа шест кола, а следно на програмата ќе биде второто издание на турнирот “Вардар, еден живот, една љубов“. Ракометниот клуб Вардар дојде прв до идејата да ги обедини сите ракометшни школи од Македонија во една лига, засега во овој проект се вклучени повеќе од 22 регионални единици кои се дел од ракометната академија на Вардар. Една од нив која со голем успех се натпреварува во лигата е РК Филип-Вардар, за која настапува Сања Цветковска.
1. Како се случи да се занимавате со ракомет и кога беа вашите први почетоци ?
-Кога бев помала многу го сакав секој спорт но се немав одлучено да се занимавам со некој поконкертно. За ракометот иницијатор беше мојата мајка која навистина го обожава овој спорт. Точно пред три години мојот класен раководител Менде Петлески, кој беше тренер во мојот сегашен клуб Филип Вардар ме повика да почнам со тренинзи. Тогаш започнав подлабоко да навлегувам во ракометот.
2. Може ли да ни кажете како функционира вашата школа каде играте ?
-Ние како школа функционираме одлично, за тоа можат да посведочат и нашите досегашни резултати. Сето тоа е благодарение на добрите тренинзи кои ги имаме четири пати во неделата. Нашите тренери Александар Таневски, Марјан Николоски и Андриано Котевски се многу посветени на нас, работат на секој недостаток. Сепак тимскиот дух е тој што го краси овој тим, а тоа се должи на дружењата во и надвор од спортските сали.
3. Кое е вашето мислење за овој проект на РК Вардар и колку истиот има значење за вас како школа и воопшто за Македонскиот ракомет ?
-За секој од нас кои имаме една иста цел да напредуваме што повеќе на ракометните патеки овој проект е идеална можност .Со тоа што се играат многу натпревари на кои секој од нас се труди да покаже се она што го научил, секоја нова утакмица е ново доживување, нов предизвик кој треба да се совлада. Овој проект за мене и за мојот клуб е од голема значајност бидејќи ни дава можност да се натпреваруваме, дружиме и пред се да се градиме како личности.
4. Се одигра првиот дел од сезоната во “Јуниор“ лигата. Какви се вашите реултати и колку се задоволни од прикажаните игри ?
-Јас сум презадоволна од мојот тим. Сега засега немаме ниту еден пораз, но и понатаму се стремиме да останиме на врвот на табелата. За нашата игра можам да кажам дека е добро усогласена иако секогаш можи подобро. Како и сите и ние правиме некои грешки, но како што вели мојот тренер кога се е во ред – ништо не е во ред. Затоа минималните грешки се мотивација за нас. Наскоро ќе се одржува и турнирот „Еден живот-Една љубов“ за кој се спремаме подолго време и се надеваме на некое од подобрите места.
5. Што е она највпечатливото на натпреварите од “Јуниор“ лигата ?
-Највпечатливо во оваа лига е тоа што покрај добивањето на поголемо искуство, се буди желба за постигнување што поголема жар во играта бидејќи најдобрите од нас можат да бидат забележани на селекцијата која исто така е дел од овој проект.
6. Која е вашата цел, дали преку настапите во Јуниор лигата еден ден се гледате како играч на Вардар ?
-Спортот за мене претставува начин на живот. Благодарение на сериозноста на проектот на Вардар за отворање на ракометни школи низ цела Македонија, така што мотивацијата за успех кај мене е на највисоко ниво. Целта се разбира е еден ден да можам да придонесам за остварување на добри резултати во сениорскиот тим на Вардар.
Звонко Ивановски