Сигурно еден од најдобрите тренери во младинските екипи на фудбалскиот клуб Вардар. Влатко Колев, човекот кој минатата сезона пристигнува во Вардар да работи како тренер на нашите кадети. Тој дојде од младинската екипа на Металург, со која во сезоната 2014/15 ја освои двојната круна. Покрај Металург, популарниот како што негуваат да го нарекуваат “Чезаре Прандели“ успеал да биде на врвот и со младинските екипи на Вардар и Работнички.
Богато и непроценливо искуство има зад себе и како играч во неколку клубови во Македонија. Играчката кариера ја започнува токму во клубот, каде сега работи како тренер. Тој е дете на Вардар, а има освоено и двојна круна со Силекс како играч и со Металург како тренер. Покрај овие екипи има играно и за Македонија Ѓ.П. На два пати е прогласен за најдобар младински тренер а последното признание од фудбалската федерација на Македонија го добива во гореспоменатата сезона кога со тимот на Металург ја освојува лигата и купот.
Минатата сезона за “влакно“ му избегаа трофеите со кадетите на Вардар во лигата и купот, но оваа сезона, тренерот Колев се надева дека неговиот тим ќе надоместо за минатата сезона и до крајот со сите сили ќе се бори за двојната круна. По завршување на есенскиот дел, нашите кадети се само на бод помалку од лидерот, екипата Работнички и четири повеќе од А.Пандев.
-Сигурно дека новиот шампион оваа натпреварувачка сезона во конкуренција на кадети треба да се бара помеѓу екипите на Вардар, Работнички и Академија Пандев. Секој има свој квалитет и сметки, но место за врвот има само за еден. Екипите на Работнички и А.Пандев се во предност само во едно, тоа што сите противници кои играат против нас натпреварот го сфаќаат како да им е последен, како да е игра на живот. Јас тоа многу добро го знам и затоа од моите играчи барам голема концентрација на секој натпревар. За нас нема лесен натпревар, токму од овие причини.
Нашиот стратег напоменува дека треба да има промена во системот на натпреварување во младинските лиги. Кога би имало поголем број на натпревари, тогаш можеби најреално ќе се види која е најдобрата екипа во секоја возрасна генеарација.
-Првенството е многу кратко. Дефинитивно овој класичен модел на натпревари треба да се напушти. Не може играч да се направи за единаесет натпревари во една полусезона, каде вистински се три до четири меча, потребно е да се сконцетрира квалитетот. Потребно е да има плејоф, плејаут и да има поголем број на натпревари меѓу најдобрите екипи во лигата. Само со квалитетни дуели можеме да се надеваме на играчи кои кои поседуваат квалитет, што е и целта на Вардаровата школа.
Еден од Вардаровит бисери, Дејан Маркоски настапува за кадетскиот состав, но неговото отсуство на најголем дел од изминатата полусезона се почуствува на натпреварите на неговата екипа. Сепак тренерот Колев потенцира дека екипата неможе да зависи од еден играч и дека мора да преовладува колективноста.
-Поголем дел од есенскиот дел го игравме без капитенот Дејан Маркоски, сигурно еден од подобрите играчи на оваа генерација. Среќен сум што денес е здрав и може да продолжи со својата играчка кариера. Како екипа нас не краси колективниот дух, без секого се може и мора да биде така. Негуваме брз и агресивен фудбал, од моите играчи барам брзо да се завршуваат акциите, а тоа бара брзо да се размислува и да бидат цело време фокусирани на натпреварот. Во една таква игра се прават и грешки, меѓутоа противникот е под постојан притисок и тешко е да се издржи 90 минути а да не се греши.
Девет победи, само еден пораз и нерешен резултатот е остварениот учинок за кадетите на ФК Вардар по завршување на есенскиот дел од сезоната. Тие се пласираа и во полуфиналето на купот, каде повторно ќе имаат можност да се борат за големото финале во ова натпреварување.
-Од резултатите во есенскиот дел морам да бидам задоволен. Полуфиналисти сме во купот на Македонија и имаме само еден бод помалку од водечкиот во лигата. Меѓутоа мене нешто друго ме радува, а тоа се добрите игри на дерби натпреварите каде се гледа голем напредок во играта. Се случувало мечевите да ги завршуваме со многу шанси и голови, а тоа е најголемото задоволство кое може екипата да ми го подари мене како тренер.
Со оглед дека на два пати успевал со Металург да ја освои двојната круна, како и со пионерите на Вардар во сезоната 2006/07 станува шампион на националниот куп. Тогаш во финалето на градскиот стадион, избранициите на Колев во финалето ја победија екипата на Беласица. Го прашавме која е формулата за успех на една екипа.
-Праксата ми покажала дека најважно е селектирањето на децата, а потоа и работата со нив. Може да се работи и секојдневно, но ако екипата не е селектирана нема ништо од тоа. Јас секогаш сум за строга селекција, во оваа фаза од 16-18 години, а потоа добро селектираниот колектив ќе го исфрли поединецот на површина. Без добра селекција нема ниту играчи, ниту трофеи. Сето тоа надополнето со добра работа и индивидуални тренинзи, успехот ќе биде неминовен. Денес многу играчи кои настапуваат во првата и втората Македонска лига поминале во еден период низ мој тренажен процес, а некои од нив се и интернационалци.
Првиот собир во новата година, кадетите ќе го имаат на 18-ти јануари кога и ќе започнат подготовките за новата сезона. Сеуште не е познато каде ќе се одвиваат главниот дел од подготовките. Пролетниот дел во првенството треба да започне на 11-ти март.
-Подготовките за пролетниот дел од сезоната започнуваат на 18-ти јануари и сигурно еден дел од нив ќе се одвиваат и надвор од Скопје, иако мора да се потенцира дека нашата академија ги исполнува сите европкси стандарди, крајно модерна каде децата уживаат во секој миг поминат на неа. Што се однесува до засилувањата, секој тренер сака добар играч. Овој преоден рок може да “пазариме“ само докажано квалитетно име. Нема по секоја цена да носиме нови играчи. Доволно не има, добро е вклопен тимот и на вистински пат сме да се бориме за двојната круна. За крај морам да напоменам дека голема чест и задоволство претставува работата во ФК Вардар, изјави Влатко Колев.
Звонко Ивановски