Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > ГОЛЕМ БОД ЗА МАКЕДОНИЈА, КОЈА ЗАВРШИ НА ТРЕТОТО МЕСТО ВО СВОЈАТА ГРУПА

ГОЛЕМ БОД ЗА МАКЕДОНИЈА, КОЈА ЗАВРШИ НА ТРЕТОТО МЕСТО ВО СВОЈАТА ГРУПА

Голем бод за ракометната репрезентација на Македонија, која во решавачкиот натпревар за третото место одигра со нерешен резултат против селекцијата на Исланд (27:27). На тој начин завршивме како третопласирани.

Не можевме да посакаме подобар старт на натпреварот, каде започнавме со предност од 4:0. Дејан Манасков го постигна првиот гол, додека Стојанче Стоилов зголеми на 4:0. Првиот гол Исланд го постигнува дури во 7 минута за намалување на резултатот, но нашата игра без голман скапо не чини во наредните минути, каде Исланд успева да го сврти резултатот во своја корист и да поведе со 4:5 во 10 минута. Со својот втор гол, Стоилов носи ново израмнување од 6:6 во 15 минута. Во наредниот период, противникот го презема водството и успева да поведе со два гола разлика, за нашиот капитен со својот четврт погодок да го израмни резултатот на 11:11. Сепак до крајот на првото полувреме, Исланд прави серија од 2:4 и на одмор замина со предност од 13:15. Кирил Колев имаше едно од подобрите полувремиња на ова СП, успевајќи да скроти неколку топки на Исланд.

И второто полувреме со гол го отвори Манасков, но Исланд враќа со два последователни голови за нивни највисоки три голови разлика (14:17). Работите не одеа добро за Македонија, која во 38 минута имаше негатива од пет гола (16:21). Во следните пет минути, Исланд ја одржуваше оваа разлика од пет гола, а во нашиот состав се повреди Филип Миркуловски. Момент кој може да не врати во натпреварот, убавиот цепелин на Манасков и Георгиески за намалување на 21:24 во 45 минута. Комплетно се враќаме на натпреварот кога со голот на Манасков успеваме да намалиме на само гол негатива (24:25) на седум  минути пред крај. Георгиевски не носи на израмнување кое беше во полза за нашата репрезентација. Истовремено Колев стигнува до својата 12-та одбрана. Поранешниот Вардарец, Филип Лазаров по подолго време носи предност за Македонија од 26:25. На крајот конечниот резултат гласеше 27:27.

Кирил Лазаров повторно најефикасен со 7 голови, Стојанче Стоилов беше стрелец на 3 погодоци. Одличен на голот беше Кирил Колев.