Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > ИСТОРИЈА НА AK “ВАРДАР” (6) ЕКСКЛУЗИВНО: СО И ЗА ТАСЕВСКИ ЗОРАН – АТЛЕТСКИ ШАМПИОН И РЕКОРДЕР…пишува: проф. М.Бошковиќ

ИСТОРИЈА НА AK “ВАРДАР” (6) ЕКСКЛУЗИВНО: СО И ЗА ТАСЕВСКИ ЗОРАН – АТЛЕТСКИ ШАМПИОН И РЕКОРДЕР…пишува: проф. М.Бошковиќ

Авторот: Многу години поминале откако не сме се виделе. Откако се слушнавме на телефон, ме покани на гости кај него. Уште при самото влегување бев импресиониран од прекрасната слика која произлегуваше од бројните пехари, медаљи, дипломи, признанија, плакети и други награди. Бев пријатно изненаден со колкава педантност ги чува своите фотографии и други документи, кои зборуваат за еден атлетичар на АК “Вардар” кој припаѓа на самиот врв во историјата на клубот и македонската атлетика. Се работи за Тасевски Зоран, атлетски шампион и рекордер.

Трофеите кои зборуваат за една блескава атлетска кариера

Трофеите кои зборуваат за една блескава атлетска кариера

А како започнал да се занимава со атлетикатата, ни раскажува Тасевски:
Средното образование го минав во гимназијата “Орце Николов”, во училишната зграда во која денес работи ОУ “Кирил и Методиј”, во познатото Пајко маало. Во рамките на училиштето се наоѓаше фискултурната сала, каде ги одржувавме часовите по физичко воспитување. Како и останатите мои соученици, така и јас уживав да играм кошарка. Физички бев прилично слаб, но имав извонреден одраз, па високите топки со леснотија ги фаќав. Во мојот клас учеше и Драган Радосављевиќ, кој подоцна беше првотимец на славната генерација на КК “Работнички”, под раководство на легендарниот тренер Лазар Лечиќ. И покрај височината од 205 сантиметри, во воздушните дуели со овој горостас, често успевав даму ја одземам топката. Моите атлетски предиспозиции ги забележа професорката по физичко воспитување Љубица Алексиева, инаку познат атлетски работник и меѓународен атлетски судија. Еден ден ме викна и ми предложи да се вклучам во тренажниот процес во АК “Вардар”, кој имаше и професионален тренер и можности за мое напредување. И одговорив, најнапред да се консултирам со татко ми, па ќе Ви одговорам. Откако татко ми се согласи со мојот спортски озбор, во март месец 1966 година отидов на Градскиот стадион, каде се наоѓаа соблекувалните на Вардар. Ме прими тренерот Ѓорѓи Нечев, кој гледајќи ме онака слабичок, ме прашеше што би сакал да тренирам. Потоа ми рече да скокнам од место. Веднаш по изведениот скок покрај атлетската патека, ми рече: Ти ќе бидеш скокач и спринтер! Веднаш потоа ми дадоа стари тренерки и патики, а потоа со Перо Терзиев заминав на првиот тренинг.
Во јуни 1966 година, ја истрчав својата прва трка на 100 метри за млади јуниори. Се сеќавам дека покрај мене, трчаа и моите конкуренти Миле и Шуман. Во мојот прв настап успеав да ги победам моите конкуренти, и да постигнам мошне солиден резултат од 11,6. Спринтериците со кои трчав повеќе личеа на копачки за фудбал, отколку оние за трчање. Истата година постигнав во истата дисциплина постигнав уште подобар резултат кој изнесуваше 11,1. Морам да истакнам, дека покрај мојот талент, од непроценливо значење, како за мојот почеток, така и за натамаошниот тек на мојата кариера претставуваше стручната помош која несебично ми ја пружаше Ѓорѓи Нечев кој беше ангажиран како професионален тренер во клубот. Како поранешен извонреден атлетичар, заедно со својот брат Сашо, беше извонредно упатен во сите тајни на атлетскиот спорт.

Тасевски Зоран на почетокот на својата атлетска кариера

Тасевски Зоран на почетокот на својата атлетска кариера

Во 1967 година, АК “Вардар” претставуваше колектив со голем број извонредни поединци. Меѓу нив се истакнуваа Карер Владимир, Терзиев Перо, Треневски Митко, Цветан Панев, Љупчо Трајчев, Антевски Благоја, Миле Павасовиќ, Ристо Ников, Ристо Делов, Зафировски Видан, Гавриловски Сотир, Апостолски Љупчо, Наумовски Веле, Кичевски Митре, Ивановски Мире и др. Сите тие тренираа под будното око на Ѓорѓи Нечев, кој беше единствен тренер во клубот и беше посветен во развојот на сите атлетски дисциплини во клубот.
Еден од најзначајните настапи на Тасевски Зоран во 1967 година, беше учеството на државното првенство за јуниори во Суботица, каде настапи во трката на 100 метри. Тогаш за прв пат се спушти под 11,0 , и трката ја истрча за 10,9 , а трката ја заврши како втор, и веднаш зад Габор Ленѓел од Суботица. Успехот на државното првенство во Суботица, за Ленѓел и Тасевски значеше и влез во јуниорската репрезентација на Југославија. Наскоробеа повикани да настапат во тримечот помеѓу Романија, Југославија и Италија кој се одржа во Удине во 1967 година. Тасевски настапи во две дисциплини: 100 метри и штафетата 4х100 метри. Во двете трки го освои III место. Во штафетата, покрај Тасевски, настапија и Батуран, Кремер и Ленѓел.
На 16 септември 1967 година, на државното првенство за постари јуниори кое се одржа во Цеље, Тасевски, заедно со Карер, Терзиев и Панев, настапи во штафетата 4х100 метри. Во таа незаборавна трка Вардар го освои I место, и стана клупски првак на Југославија. Тоа беше извонреден успех и уште една потврда за квалитетот на вардаровите атлетичари.

m3

Штафетата на АК “Вардар”, во Цеље, 1967 год. Од лево кон десно: Терзиев Перо, >>Тасевски Зоран<<, Панев Цветан и Карер Владимир

На 22 и 23 јуни 1968 година, Скопје беше организатор на поединечното првенство на Југославија за јуниори. Овој настан секако ќе остане запишан со златни букви во историјата на АК “Вардар”. Повеќе членови на клубот постигнаа извонредни резултати, со кои се вбројуваа во редот на најдобрите младинци во Македонија. Тасевски настапи во повеќе дисциплини и во секоја беше во самиот врв. На 100 метри, со 10,8 беше втор, зад Габор Ленѓел. Во скок во далечина постигна резултат од 6,81 м., освојувајќи го II место. На 200 метри беше втор постигнувајќи мошне добар резултат од 22,5. Во штафетата 4х400 метри беше постигнато време од 3:33,6 и II место. За триумфот да биде комплетен, штафетата 4х100 метри во состав Тасевски, Панев, Терзиев и Карер, го освои I место, со што стана првак на Југославија.

Тасевски Зоран скока на Градскиот стадион во Скопје

Тасевски Зоран скока на Градскиот стадион во Скопје

Во 1968 година, АК “Вардар” по четврти пат го организираше меморијалот “Лазо Милошевски”, а во меморијалната трка на 400 метри, Тасевски извојува победа со резултат 50,0 .
На крајот на 1968 година, беа прогласени петте најдобри атлетичари на Македонија. Еве како изгледаше ранг листата:

  • 1. Тасевски Зоран (Вардар)
  • 2. Сотир Гавриловски (Вардар)
  • 3. Јанко Јакимовски (Работнички)
  • 4. Љупчо Трајчев (Вардар)
  • 5. Владимир Карер (Вардар).
Пишувањето на “Нова Македонија” за Тасевски Зоран и изборот за најдобар атлетичар во 1968 г.

Пишувањето на “Нова Македонија” за Тасевски Зоран и изборот за најдобар атлетичар во 1968 г.

Успесите и резултатите на Тасевски Зоран, будно ги следеше тогашниот селектор на југословенската атлетска репрезентација, Крешимир Рачиќ. Како гостин на Скопје и АК “Вардар”, во 1968 година, добро упатен во состојбите во македонската атлетика, го определи Тасевски Зоран за кандидат за Европското првенство за сениори во Атина, 1969 година. Тоа беше уште едно големо признание за нашиот рекордeр и шампион.

Во текот на подготовките за натпревари во 1969 година и настапот на ЕП во Атина, поради болеста, мораше да се одалечи од атлетската патека, што траеше неколку месеци. Со тоа, не успеа да го оствари својот план и честа да настапи на ЕП во Атина.
Откако го мина процесот на рехабилитацијата, се врати на атлетските борилишта, но неговите резултати во 1969 година беа просечни.
Во 1970 година, Тасевски замина на отслужување на воениот рок во Тетово. Покрај него, истата година на отслужување на воениот рок заминаа и уште дваица атлетски асови на македонската атлетика: Зоран Михајлов и Милош Буцевски. Сите заедно требаше да настапат во составот на екипата на Скопската армиска област за настап на Сеармиското првенство во Шабац.

Дваjца великани на АК “Вардар” и македонската атлетика:  >>Зоран Тасевски<< (лево) и Милош Буцевски

Дваjца великани на АК “Вардар” и македонската атлетика:
>>Зоран Тасевски<< (лево) и Милош Буцевски

Во текот на отслужувањето на воениот рок, Тасевски Зоран активно тренираше, подготвувајќи се за Сеармиското првенство, кое се одржа на 17 август 1970 година во Шабац. На ова првенство настапи во повеќе дисциплини, при што постигна извонредни резултати. Беше победник во дисциплините 100, 200, скок во далечина, штафетата 4х400 метри, додека во штафета 4х100 метри го освои второто место.

На поединеченото првенство на Македонија, одржано на 3.08.1971 година, прескокна 7.10 м, и постигна нов сениорски рекорд на Македонија. Тоа претставуваше силен мотив, уште попрофесионално да се посвети на оваа дисциплина. Секојдневно работеше на подобрувањето на техниката на скокањето, која со текот на времето успеа да ја доведе до совршенство. Затоа резултатите постојано одеа по узгорна линија. Наскоро успеа да пресконе 7.14 , и да постави нов македонски рекорд.
Со своите атрактивни скокови, предизвикуваше внимание како кај скопската публика, така и на сојузните и меѓународните натпревари. Се сеќавам, на еден четворомеч помеѓу Црна Гора, Македонија, Косово и и Потесна Србија, одржан во Косовска Митровица, љубопитната публика, за да поблиску ги следи неговите атрактивни скокови, за момент ги напушти трибините, и се пресели покрај залетиштето, за да одблизу го следи текот на натпреварувањето.

Рекордер на Македонија (7.15)

Рекордер на Македонија (7.15)

На 17 септември 1975 година во Скoпје, настапи за репрезентацијата на Македонија во штафетата 4х100 , која постигна резултат од 42,7 , што претставува државен сениорски рекорд на Македонија со рачно мерење. Во штафетата трчаа Чадиковски Ѓорѓи, Коевски Дончо, Тасевски Зоран и Благоев Ташко.
Финалето на Купот на Македонија, одржано на 15.05.1976 година на тартан патеката во Скопје, беше уште еден настан кој ќе остане во сеќавањето на овој вистински борец и атлетски ас. Тогаш прескокна 7.15 , и уште еднаш го подобри својот рекорд во скок во далечина. Треба да се истакне, дека и покрај толку поминати години од овој настан, рекордот се уште не е подобрен, што зборува за вредноста на овој резултат.

Старт на 100 метри. Циривири Ѓорѓи (лево), Тасевски Зоран (десно)

Старт на 100 метри. Циривири Ѓорѓи (лево), >>Тасевски Зоран<< (десно)

Вљубеник во атлетиката, секогаш настојуваше своите знаења и искуство да го пренесе врз помладите атлетичари. Иако неговите врсници веќе ја напуштиле атлетиката, Тасевски продолжи активно да работи, прилагодувајќи се кон младите спортисти, со кои исто така беше добар другар и соработник. Тука беше една група талентирани атлетичари како што се Циривири Ѓорѓи, Чашуле Илија, Јовановски Живко, Димитровски Зоран и др. Тој беше и нивен другар и нивен учител.

СД “Вардар” како организирано здружение на клубовите кои го носат името “Вардар”, водеше сметка на својата традиција и историја. Во 1977 година, на свечен начин беше обележен јубилејот – 30 години од формирањето на друштвото. На свечената академија беа присатни голем број истакнати спортисти, тренери, спортски работници, новинари, гости и др. По тој повод им беа доделени јубилејни плакети на членовите кои дале особен придонес во развoјот на друштвото и воопшто спортот во Македонија. Меѓу добитниците на ова високо спортско признание беше и Зоран Тасевски.

Јубилејна плакета на Зоран Тасевски

Јубилејна плакета на Зоран Тасевски

Спортската кариера на Зоран Тасевски продолжи и во 80-те години. Дојдоа нови, помлади генерации, но тој секогаш помагаше клубот и натаму да биде во врвот на македонската атлетика. Кон крајот на 80-те години, АК “Вардар” се соочуваше низа тешкотии. Без соодветни кабини, без професионален тренер, практично беше блокирана неговата основна дејност. Во почетокот на 90-те години, Вардар веќе не се појавуваше на атлетската сцена. Но во 1992 година, група од неколку ентузијасти, меѓу кои најголема енергија вложија Грековски Џоџа, Тасевски Зоран и Бошковиќ Мирослав, покрена иницијатива за заживување на клубот.
Беа поканети голем број поранешни атлетичари и спортски работници, кои еднодушно ја прифатија оваа иницијатива и дадоа соодветна подршка. Така во 1993 година, клубот ја продолжи својата богата традиција. За претседател на клубот беше избран долгогодишниот спортски и атлетски работник Грековски Џоџа, за секретар Мирослав Бошковиќ, а Тасевски Зоран покрај учетвото во раководењето со клубот, се нафати да биде и трнер на спринтерите и скокачите. За кратко време успеа да опфати неколку талентирани момчиња, меѓу кои беа и неговите синови Александар и Горан.

Ѓорѓи Нечев (тренер), Глигориевски Русе, атлетски работник и Тасевски Зоран. За своите спортски успеси Тасевски Зоран секогаш го нагласува уделот на Ѓорѓи Нечев

Ѓорѓи Нечев (тренер), Глигориевски Русе, атлетски работник и Тасевски Зоран. За своите спортски успеси Тасевски Зоран секогаш го нагласува уделот на Ѓорѓи Нечев

Во 1973 година, Тасевски Зоран во Белград заврши Школа за контрола на летање. Долго години ја обавуваше одговорната функција Началник на Службата за контролата на летање. Како што самиот вели, спортот многу му помогнал успешно да ја обавува својата професионална работа. Затоа, негова препорака е секој човек, без оглед на својата возраст, да спортува, со што полесно ќе ги решава проблемите пред кои секојдневно се соочува. Во 2013 година замина во пензија, а своите пензионерски денови ги минува во хортикултурното уредување на својот имот и креативните активности инспирирани од богатата традиција и етно културата од нашето поднебје.

ПРОДОЛЖУВА….
следен наслов-КРАЈОТ НА 70-ТЕ и ПОЧЕТОКОТ НА 80-ТЕ ГОДИНИ..

Пишува- професор Мирослав Бошковиќ