Екипата на РК Вардар во наредниов период и тоа само за десеттина дена ќе одигра три натпревари. По завршување на светското првенство во Франција, црвено-црните ќе се фокусираат на настапите во СЕХА и лигата на шампионите. Првиот натпревар во новата година ќе биде во четврток, кога во спортскиот центар Јане Сандански ќе го пречекаме тимот на Нексе. Со истиов противник игравме во вториот дел од сезоната кога на гостувањето во Нашице, славевме со резултат 27:30, а тој натпревар го одигравме веднаш другиот ден по мечот со Загреб во лигата на шампиони, кога и го доживеавме првиот пораз во најголемото ракометно натпреварување. Нексе е во долниот дел на табелата и нема никакви шанси да се вклучи во борбата за завршниот турнир, каде веќе своето место го обезбедија Вардарци. По овој дуел со вицешампионот на Хрвтска, патуваме за Словенија, на натпревар исто така од СЕХА-лигата. Противник ќе ни биде домашниот тим на Горење од Велење. Овој дуел ќе се одигра на 6-ти февруари со почеток од 18 часот. Само за потсетување против Горење славевме убедливо на првиот меч со резултат 40:31.
Она што е многу поважно за Вардар е првиот натпревар во новата година во лигата на шампионите. На 11-ти февруари избраниците на Раул Гонзалес ги очекува натпревар против екипата на ППД Загреб, екипа која ни е голем должник. Нашиот состав е во голема борба за една од првите две позиции која ни дава поповолен распоред во продолжение од ова натпреварување. Остануваме да видиме како ќе ја започнеме годината, со оглед на отсуството на голем број од ракометарите кои со своите репрезентации беа дел од СП. Токму мечевите од СЕХА-лигата ќе бидат добредојдени за Вардар добро да се подготви пред важните натпревари во групната фаза од ЛШ. Екипата би требало да се комплетира, можеби некој ден повеќе одмор ќе добие Лука Циндриќ кој најдолго се задржа на СП.