На натпревар од СЕХА-лигата, Вардарци стигнаа до својата 14 победа во ова натпреварување. Во еден неизвесен натпревар, црвено-црните успеаа да ги освојат бодовите на гостувањето во Велење.
Натпреварот започна со силно темпо кое го наметнаа двете екипи, по што следеаи неколку технички грешки на двете страни. Во првите пет минути се играше гол за гол, а во 5 минута резултатот беше израмнет на 3:3, по што следеше серија на Вардарци од три последователни голови за прв пат да имаме водство од 3:6. Штербик беше одличен на голот и само во првите седум минути имаше три успешни интервенции. Во 12 минута со голот на Дибиров кој беше наш најдобар стрелец во првиот дел, стигнуваме до највисоки четири голови разлика (4:8). Сепак како одминуваше првиот дел, домашниот тим стануваше рамноправен противник и ја враќа серијата на Вардар од 3:0 и намалува на само еден гол негатива 7:8 во 17 минута. Повторно црвено-црните се одлепија на 7:10, но до крајот на првиот дел Горење ја анулира нашата предност. Во последната минута од полувремето за прв пат имаа водство од 13:12, но ние во последниот напад од првиот дел реализираме преку Марсениќ за нерешени 13:13 на полувреме.
Стартот на вториот дел им припаѓа на Цехте и Борозан кои постигнуваа по два гола. Најпрво Цехте го нси Горење до највисоки 17:15, додека Борозан враќа на ист начин преку Вуко за ново израмнување на резултатот (17:17). Домашниот тим во наредните шест минути е во постојано водство кое се движи од 1-2 гола разлика. Борозан има четири голови од сито толку обиди и е наш најрасположен играч во овој дел од натпреварот. Вардарци успеваат да ја вратат предноста од првиот дел и со серија од 1:5 да поведат со 22:24 во 48 минута. Двете екипи се менуваа во водство и мечот влезе во неизвесна завршница. Штербик со својата десетта одбрана не дозволува на противникот да поведе, а Борозан со својот шестти гол носи предност од 26:27. Борозн дефинитивно со Штербик се најзаслужни за победата, со неговиот осми гол носи предност од 28:30, додека Штербик со одбранет седмерец го откажува домашниот тим. Конечниот резултат гласи 29:31.
Дибиров и Борозан најефикасни во победата со по 8 постигнати голови. Штербик имаше 13 успешни интервенции. До крајот на регуларниот дел останува уште едно коло и тоа на гостувањето против екипата на Извиѓач.