Стартуваше пролетниот дел во ракометната “Јуниор“ лига. Во машкиот дел кај генерација родени 2002/03 година се одиграа два натпревари.
Екипите на Опш.Кисела Вода 1 и РК Бисинов одиграа со нерешен резултат 14:14, фотогалерија од овој меч може да погледнете на нашиот сајт-тука. Речиси во текот на целиот, Кисела Вода имаше водство, кое не успеа да го задржи до крајот. Првиот гол на натпреварот беше за тимот на Бисинов, но Кисела Вода потоа постигнува шест последователни голови и уште на стартот се одлепува со предност од 6:1. Во следните минути, двете екипи направија мини серија од два погодоци, а Кисела Вода ја одржуваше предноста. До полувреме, избраниците на Никола Бисинов го намалија резултатот на 9:5.
На стартот од вториот дел Бисинов направи серија од 0:3 и намали на само еден гол негатива (9:8). Имаше Кисела Вода и водство од 10:9, но Бисинов врати со два гола и уште од стартот на мечот имаа второ водство од 10:11. До крајот гледавме неизвесен натпревар, каде се играше гол за гол. Кисела Вода имаше напад за предност, но не успеа да упати удар кон противничкиот гол. На крајот конечниот резултат гласеше 14:14. Филип Костов постигна 8 голови кај Кисела Вода, додека во редовите на Бисинов, Димов, Сиљанов и Мазнев постигнаа по 3 голови.
На вториот натпревар во оваа генерација се сретнаа екипите на РК Кисела Вода 2 и РК Преспа од Ресен, од овој меч може да погледнете фотогалерија на нашиот сајт-тука. Избраниците на Иван Ангелковски ја оправдаа фаворитската улога и убедливо го добија натпреварот против Кисела Вода. Само на стартот резултатот беше израмнет на 1:1, по што РК Преспа направи серија од 0:4 и зголеми на 1:5. Врати само за кратко екипата на Кисела Вода за намалување на 3:5, но Преспа прави нова голема серија од 0:5 за зголемување на резултатот на 3:10. До крајот на првото полувреме само го зголемуваа водството и на одмор се замина со резултат 4:13.
Веднаш на стартот на вториот дел стигнаа и до двоцифрена предност од 4:14. Разликата во квалитет беше очигледна и на страната на Ресанчани, кои продолжија со силно темпо и во вториот дел. Оваа предност од десет голови се одржуваше до последните пет минути кога резултатот беше 10:20. До крајот на мечот уште пет нови голови за Преспа за на крајот убедлива победа од 10:25. Мартин Табаковски постигна 7 голови кај Преспа.