Екипата на Фленсбург е последната пречка на Вардарци за пласман на завршниот турнир во Келн. Ова е епилогот од одиграниот осминафинален дуел помеѓу екипите на Фленсбург и Брест Мешков, на кој по втор пат бундеслигашот беше поуспешен.
Иако можеби се очекуваше дека Фленсбург ќе стигне по полесен пат во четвртфиналето, сепак Брест Мешков доста ги намачи и речиси до самиот крај трепереше пласманот на германците. По неколку резултатски пресврти по истекот на првите 30 минути ниту една од екипите немаше предност, односно резултатот беше нерешени 13:13. Двата тима се менуваа во водство, кое не беше поголемо од два гола разлика. Во второто полувреме Брест Мешков имаше во неколку наврати и предност од два гола, но Фленсбург ги следеше во чекор. Голема шанса пропушти Мешков да направи изненадување, кога на пет минути пред крај имаа водство од 24:26. Во тие моменти и триумф од еден гол го носеше Белорускиот шампион во 1/4, но сепак набрзина избраниците на Врањеш направија серија од 4:0 и го завршија мечот со триумф од 28:26.
Вардар ќе има можност да се одмазди на Фленсбург за елиминацијата пред три сезона, кога токму истиве екипи игри во четвртфиналето на најголемото ракометно натпреварување. Тогаш за еден гол посреќна беше екипата на Фленсбург, која подоцна стана и европски шампион. Пред одигрување на четврфиналниот дуел, Вардарци ги чека завршниот турнир во СЕХА-лигата кој се игра во градот Брест во периодот од 7-9-ти април.