Денес на стадионот во Тетово се одигра реванш натпреварот од полуфиналето на купот, помеѓу екипите на Шкендија и Вардар. Иако денес бевме далеку подобра екипа на теренот и победивме со 0:1, сепак противникот се пласираше во финалето на купот.
Тренерот Седлоски стартуваше со следниве 11-сетмина: Гачевски, Демири. Грнчаров, Новак Брдаровски, Глигоров, Велковски, Фелипе, Џигаури, Блжевски, Барсегјан.
Вардарци имаа можност рано да го отворат резултатот, откако во втората минута од мечот во голема шанса се најде Дејан Блажевски кој имаше отворен простор, но биеше само над противничкиот гол. Екипата на Шкендија првиот удар кон наѓиот гол го имаше во 8 минута, кога Тодоровски се обиде откосо, но биеше само покрај левиот директ на Гачевски. Двете екипи се обидуваа да направат некоја поконкретна акција но резултатот остануваше непроменет. За една минута, Вардар и Шкендија се обидоа, но безопасно. Најпрво во 28 минута, Џигаури од голема далечина бие само во рацете на голманот, за во 29 минута да се обиде и Бесарт Ибраими кој шутира далеку од голот на Гачевски. Во 30 минута се случи инцидент откако прекршок направи Фелипе, по што играчите на Шкендија се нафрлија врз нашиот играч. Се направи голема мешаница, по што на крајот судијата Ставрев се реши директни црвени картони да им даде на двата капитени, Грнчаров и Хсани. Поради влегување на домашните навивачи на терен, нашите играчи беа принудени да го напуштат теренот, по што следеше подолг прекин на мечот. Откако се смирија страстите на трибината, двете екипи се вратија на теренот и го продолжија натпреварот. За одбележување до крајот на првото полувреме е ударот на Бесарт Ибраими кој биеше директно од слободен удар, но истиот беше лесен плен за Гачевски. На одмор се замина со почетниот резултат 0:0. По исклучувањето на Грнчаров, капитенската лента ја зема Никола Глигоров.
На стартот на второто полувреме беа направени две измени во нашиот состав. Во игра влегоа Којашевиќ и Боарето, на местото на Џигаури и Блажевски. Токму Црнагорскиот репрезентативец го имаше првиот обид, кој заврши над голот на Јовановски. Прва голема шанса во овој дел од мечот во 58 минута за Цуцули кој со глава бие за малку покрај голот на Гачевски. Вардар успева да го отвори резулттатот во 60 минута и да поведе со 0:1. Од прекин нафрли Фелипе, топката со глава ја зафати Велковски, која заврши во мрежата на Шкендија, за голема радост на Вардар. Во 64 минута уште една голема шанса за Којашевиќ, кој излезе очи во очи со голманот на Шкендија, кој успеа да одбрани и во последен момент од гол линијата да исфрли Жуниор. Во 70 минута во иста акција се обидоа Барсегјан и Боарето, но за среќа на Шкендија нивниот голман, Јовановски успешно брани и спасува поголема негатива за неговиот тим. Вардар целосно ја надигра екипата на Шкендија и повторно на нивниот терен. Нашиот шампион ја диктираше играта и постојано создаваше шанси, а голманот Јовановски е вистински спасител за Тетовци. Последна измена кај Вардар, во игра влезе Попов на местото на Велковски. Времето работеше за Шкендија, која имаше голема предност на првиот меч одигран во Скопје. Положани имаше можност во 90 минута со глава од корнер да израмни, но топката заврши над голот на Вардар. Конечниот резултат на крајот е 0:1.
За Вардар останува борбата за титулата во првенството, каде има високи 11 бода предност пред денешниот противник.