Вардар успеа во обидот да стигне до најдобрите четири екипи во ЛШ и оваа сезона ќе го гледаме на завршниот турнир во Келн. Истиот ќе биде посебно емотивен за Алекс Душебаев за кој ова е последна сезона во црвено-црниот дрес и последни мечеви пред заминувањето за Киелце. Се надеваме дека на најдобар можен начин ќе се прости од Вардар, со титула од лигата на шампиони.
-Среќен сум што конечно стигнавме до завршниот турнир во ЛШ. Овој Фајналфор е многу важен за нас. За мене ќе биде посебно емотивен бидејќи таму ќе ги одиграм последните два натпревари за Вардар во Лигата на шампионите.
Пред четири сезони, Алекс пристигна во Вардар, а негова желба уште тогаш била еден ден да го ја подигне европската титула со црвено-црните.
-Уште кога дојдов во тимот, мојот сон е да ја освојам титулата со Вардар. Знам дека ќе биде тешко. Сепак, ние ќе се бориме во Келн и ќе уживаме во сите предизвици што се пред нас.
Во полуфиналето, Вардар за противник ќе ја има екипата на Барселона, која ќе биде последната пречка за нашиот шампион пред пласман во големото финале. Пред нас стои тежок противник со искусни и квалитетни играчи, но Душебаев верува во неговиот тим.
-Во овој момент Барселона е меѓу четирите најдобри екипи во светот. Играат одличен ракомет, нивната одбрана функционира многу добро и имаат еден од најдобрите голмани во светот. Токму затоа, ние мора да играме паметно во нападот. Од друга страна, тие исто така имаат добри шутери како Ваел Жалуз и Кирил Лазаров и ние треба да ги сопреме нив. Ако успееме во тоа, тогаш имаме шанса за нов успех