Илјадници граѓани кои дојдоа од различни градови од цела Македонија да ги поздрават новите шампиони на Европа, беа видно задоволни и среќни што можат за момент да ги гушнат и да им честитаат на новите Македонски херои. Играчите на Вардар се восхитуваа на пречекот, кој им го организираше нашиот народ и сите заедно го прославија големиот трофеј. Какви беа реакциите на играчите, на нивното обраќање на плоштадот во Скопје, заедно со целокупниот собран народ, кој дојде да ги отпоздрави.
Човекот кој со неговиот гол во последните секунди ни донесе победа против Барселона и европско финале, Лука Циндриќ, рече: Сонот се оствари, уживајте Македонијо во овие прекрасни моменти.
Столбот во одбраната-Абутовиќ: Незнам што да кажам, фала на сите, заслуживме нека слави Македонија.
Стрелецот на последниот гол на Вардар во лигата на шампионите, кој ни донесе трофеј, Иван Чупиќ: Вуко Борозан е мојот крал. Јас сум Хрват и доаѓам од мала земја, но денес сум поносен и горд што сум Македонец.
Играчот за кој оваа сезона е последна во црвено-црниот дрес, кој се прости на најдобар можен начин, Алекс Душебаев: Јас сум среќен за овие четири години поминати во Вардар. Благодарам на сите од срце за овој медал, за целата Македонија. Алекс заедно со навивачите запеа: Ајде, ајде Вардаре.
Капитенот Стојанче Стоилов во негов стил кажа: Добар ден скопје, добар ден Македонијо, заслуживме ние, заслужи Македонија. Бидете горди на овие момци и херои. И покажавме на европа како се игра ракомет. Горд што сум капитен на оваа екипа, горд на оваа историја, горд што Скопски Вардар е европски првак.
Еден од најдобрите играчи во овие четири сезони е секако Тимур Дибиров, кој веруваше во овој проект на Вардар и кој спомена дека токму поради овој момент дошол во Скопје и Вардар: Ова е мојот сон сите го знаете тоа. Да видам 2 милиони Македонци, тоа беше мојот сон. Нашата победа не е овој пехар, нашата победа сте вие.
МВП на завршниот турнир и сигурно најдобриот светски голман, Арпад Штербик се обрати со следниве зборови: Сакам да ви кажам дека учесници на Ф4 турнирот во Келн велеа дека заслужуваат да се закитат со овој трофеј, но јас гледајќи ја оваа слика пред мене, ќе речам дека ние бевме најзаслужни за големиот успех. Оваа титула е за вас и се надевам дека идната сезона ќе бидеме на истото место.
Бомбардерот на Вардар, Вуко Борозан во неговата прва сезона во црвено-црниот дрес стигна до трофејот од ЛШ, тој беше краток во своето обраќање: Фала Чупиќ ти си мој бог….. и ајде ајде Вардаре, Вардаре.
Пикерот кој понесе голем дел од одговорноста, во напад и во одбрана е секако Мијајло Марсениќ, кој истакна: Радувај се Македонијо. Ова е за вас, успехот е наш, но и ваш.
Секогаш харизматичниот и расположен, Хорхе Македа имаше своја минута обраќање пред Македонската нација. Македа ја соблече маицата и силно запеа: Шампионе, шампионе, але, але Вардаре.
Краток во своето обраќање беше уште еден репрезентативец на Шпанија, Жоан Кањелас за кој ова беше прва титула во лигата на шампиони: Сега знам зошто сите ја сакаат Македонија, рече Кањелас.
И секако предводникот на оваа шампионска екипа, тренерот кој успеа да го донесе Вардар на врвот на Европа, “маестро“ Раул Гонзалес кој се обрати со следново: Сакам да се заблагодарам на сите, кои цела сезона ни дававте подрршка , треба сите да бидеме горди на овој успех. Да се заблагодарам на сите мои играчи кои играа со срце, мозок желба, кои секој ден тренираа за да стигнат на врвот. Благодарност и до претседателот на клубот, Сергеј Самсоненко, без него ние немаше да успееме и да бидеме тука. Уште еднаш да ги пофалам моите играчи, кои се најдобри во европа и така треба да се однесуваме. Ветувам дека и следната сезона ќе се потрудиме да бидеме на врвот.