Легендата на фудбалскиот клуб Вардар и сегашен тренер на голманите во младинските категории на овој клуб, Слободан Мутибариќ од наредната сезона ќе оди скалило погоре, односно ќе биде тренер на повозрасните генерации во Вардар (пионерските екипи на клубот).
Изминативе неколку години, Мутибариќ работеше како тренер на голмани во помалите возрасни генерации (петлиња), а доказ за неговата успешна работа се голем број на освоените награди на голманите во овие категории. Само за потсетување на завршниот турнир во детската лига за оваа натпреварувачка сезона, голманите на Вардар од вкупно пет генерации, беа најдобри во четири возрасни категории. Тука е најмладиот голман од генерација “2008“, Лука Грчевски, за кој ова беше прва ваква награда. Голманот на генерација “2007“ , Лука Јаневски го повтори успехот од минатата сезона и оваа беше прогласен за најдобар чувар на мрежата во цела Македонија. Награда на завршниот турнир имавме и кај генерација “2005“ и тоа за Василиј Мариновски, кој за само една помината сезона во црвено-црниот дрес покажа дека се работи за голем потенцијал, кој инаку дојде од ФК Прилеп. Признанието за најдобар чувар на мрежата го одбранивме и во генерацијата “2004“, но сега зад името на Стефан Тасев, кој со три одбранети удари од белата точка во големото финале, успеа да и донесе трофеј на својата екипа. Како за потсетување минатата сезона, истата награда ја понесе, Васко Василев од редовите на Вардар.
Голманска икона имаме и во генерацијата “2003“ во името на Лука Стојковски, кој сигурно е најдобриот во овие помлади генерации од ФК Вардар. Покрај голмански, Лука има и напаѓачки способности, каде често оваа сезона добиваше шанса од тренерот Трајановски, да се запишува и во листата на стрелци. Тука се и чуварите на мрежата кај генер. “2002“, Марко Станковски и Матеј Величковски. Последниве неколку години, Вардар има голем број на освоени награди за најдобри голмани и на меѓународните турнири каде настапуваат нашите младински екипи. Тука сигурно доминира Стефан Тасев, кој по ред на неколку учества во Бугарија, освои награда. Последниот кој доби вакво признание е Андреј Данстак од генерацијата “2006“, кој беше прогласен за најдобар голман на турнирот “Приморско лето“ во Бугарија. Зад успехот на сите овие голмани и нивните освоени награди, секако дека стои, Слободан Мутибариќ кој многу е посветен на работата со децата и кој својата љубов кон Вардар им ја пренесува и на овие млади деца, кои во иднина треба да “затропаат“ на вратата на првиот тим на ФК Вардар. Од неодамна популарниот “Муто“ се здоби и со Б-Уефа лиценца во нашава земја.