Повторно по кратка пауза повторно продолжуваме со ново продолжение од историјата на атлетскиот клуб Вардар. На ред е 13-тото продолжение, Професорот Мирослав Бошковиќ во своите пензионерски денови неуморно не води низ историјата на Вардар.
Општесвените промени во почетокот на 90-те години, покрај останатите сегменти од општеството, го зафатија и спортот, а во тој контекст и атлетиката. Во 1998 година, АК “Bардар” остана без професионален тренер, кој беше генераторот на функционирањето на клубот. Дотогашниот тренер, Симе Ѓеоргиевски, влезе во поинакви професионални води, подалеку од атлетиката. Покрај тоа, во натамошното постоење на клубот, негативно влијаеа и рестриктивните финансиски средства, кои заедно со нерешеното прашање со соблекувалните, практично го оневозможија натамошната спортска дејност. Тое беше и најтешкиот период во неговото постоење. Поранешните атлетски работници, не се снајдоа во новонастанатите процеси.
Меѓу активностите на клубот кои продолжија и натаму да егзистираат, беше меморијалот “Лазо Милошевски”. Еден од ретките атлетски работници во клубот, кој по секоја цена се залагаше да не се прекине неговата долга традиција, беше Миле Пеповски. Со својата енергија, позитивно влијаеше кај дел од атлетските работници, кои го прифатија неговиот апел да се продолжи со одржувањето на меморијалот. Тие години, 1990, 1991 и 1992 година, на чело на Организациониот одбор, се наоѓаше токму Миле Пеповски. Во одборот влегоа и веќе докажаните и афирмираните спортски работници меѓу останатите и Грековски Џоџа, Груневски Спирко, Давидивски Бранко , Дамјанов Павле, Јанковски Борче, Кузмановски Ѓорѓи, Михајлов Зоран, Колемишевски Панде, Конечни Петар, Панговски Ивко, Несторовска Љубица, Џиков Таки и др. Благодарејќи на разбирањето и почитта кон големиот атлетски ас и новинар во Радио Скопје, Лазо Милошевски, повеќе спонзории ја помагаа оваа спортска манифестација.
Во 1993 година, на молба од атлетските работници од клубот, за претседател на Организациониот одбор се нафати да биде Зоран Поповски, потпретседател на Собранието на Скопје. Со голема љубов и посветеност, овој општествено-политички и спортски работник, успеа да го подигне квалитетот на митингот, како со поголеми финансиски средства, така и со учеството на повеќе афирмирани атлетичари, како од земјата, така и од странство. Функцијата претседател на ОО, Петрески ја обавуваше се до 1996 година.
По повод одржувањето на најквалитетниот атлетски митинг во Македонија, Организациониот одбор изготвуваше билтен пред и по завршувањето на натпреварот. Во Билтент бр. 1 беа застапени следните содржини:
- Обраќање на претседателот на организациониот одбор
- Состав ва Организациониот одбор
- Саатница
- Дел посветен на Лазо Милошевски
- Потсетување за историјатот на митингот
- Спонзори
Посебно се водеше сметка за меморјалната трка на 400 метри. Со цел да се добие во квалитетот, секогаш беа поканувани најквалитетните атлетичари од земјата и странство. Истата, во најголем број случаеви се организираше во полувреме на фудбалските натпревари кои ФК Варадар ги играше на Градскиот стадион. То им даваше можност, на сите посетители, љубители на спортот, да уживаат во борбата за освојување на овој значаен спортски и атлетски трофеј.
Во 1994 година, АК “Bардар”, го организираше 30-јубилејниот меморијален митинг “Лазо Милшевски”. За одржувањето на оваа манифестација, Организациониот одбор, предводен од претседателот Патрески Зоран, вложи огромни напори да обезбеди финансиски средства и квалитетни натпреварувачи. Интересно е да се истакне дека на митингот настапи комплетната младинска репрезентација на Украина, а настапија и повеќе гости од балканските држави. За успешноста на оваа атлетска приредба, голем придонес дадоа рекорден број од 17 спонзори. Значителна финансиска и медиумска подршка ни даде и Македонската радио и телевизија, со тогашниот директор Мелпомени Корнети. За потсетување е дека Лазо Милошевски работеше како спортски новинар токму во Радио Скопје.
Со оглед на тоа што клубот практично престана да функционира од 1990 година, една група поранешни членови на клубот, во есента 1992 година започна со активностите за заживување на АК Вардар. Во Иницијативниот одбор влегоа: Грековски Џоџа, Тасевски Зоран и Мирослав Бошковиќ . Набрзо потоа, биа поканети поголем број поранешни атлетичари и атлетски работници, кои дадоа целосна подршка за обновувањето на клубот. Потоа беше избрана и новата управа во коа Грековски Џоџа беше избран за претседател, Мирослав Бошковиќ за секретар, додека Тасевски Зоран, како член на управата, ја презеде и функцијата тренер на клубот.
Плановите на новата управа беа мошне амбициозни. Покрај Тасевски Зоран, за тренер на средни и долги патеки беше ангажиран и Љупчо Апостолски, поранешен атлетичар на клубот и повеќекратен младински рекордер на Македонија. Во клубот се вратија поранешните вардарови атлетичари Мартиновски Трпе и Спасовки Томе. Овие двајца, заедно со Попоски Горан, во март месец 1993 година, на државниот крос во Струмица, на 12 000 метри, го освоија 1 место, додека Трпе Мартиновски стана шампион на Македонија. Со тоа, новиот период во историјата на клубот започна навистина повеќе од успешно.
Тасевски Зоран оформи една група перспективни спринтери, меѓу кои особено се истакнуваа неговите синови Тасевски Александар и Тасевски Горан. Особено забележителни резултати постигнуваше Александар, кој стана и најдобар спринтер на Македонија во младинска конкуренција. За мошне кратко време, неговиот талент беше потврден со извонредни резултати. Така, уште како помлад младинец, на 100 метри веќе беше близу до резултатот од 11,0. И останатите членови на оваа група постигнуваа солидни резултати.
За успешното работење на клубот, челниците на клубот сметаа дека е неопходно да се работи на вклучување и на професионален тренер. Во неколку наврати, беше испратено писмо до Министерството за образование и физичка култура, во кое се бараше да се обнови финансирањето на професионален тренер. За жал, оваа иницијатива и барањето на клубот не наиде на одобрување од државните органи. Тоа во наредните години ќе го доведе клубот во уште поголема апатија.
Во историјата на маратонското трчање во Македонија, најдобриот маратонец на сите времиња е Мартиновски Трпе. Во 1982 година, на возраст од 16 години започна да се занимава со атлетиката во АК “Вардар”, во периодот кога под раководството на тренерот Симе Георгиевски тренираше и познатиот рекордер на кратки патеки Сачевски Сокол. Во тоа време Вардар беше повеќекратен клупски шампион на Македонија. Подоцна настапуваше и за АК “Рботнички” , АК “7 мај” и АК “Скопје”.
Во пвите години од својата бoгата и долга атлетска кариера, беше неприкосновен на патеките од 2000 до 10.000 метри. На 5 февруари 1994 година, во Софија, на 3000 метри во сала, истрча 8:36,1, што претставува македонски сениорски рекорд. Тој го држи и рекордот на 10.000 метри, кога на 27 јуни 1997 година, во Атина трката ја истрча за 31:26,55. Подоцна се посветува на маратонското трчање и долг период беше непобедив на домашната атлетска сцена. Беше победник на републичкиот крос во сите категории и постојан член на атлетската репрезентација на Балканските кросеви.
Мартиновски Трпе е актуелен рекордер во големиот маратон (42.195 м) со резултат од 2:25,06, постигнат во 2000 година во Нови Сад. Исто така тој е рекордер и во полумаратон со резултат од 1:08,00. Учествувал и постигнувал врвни резултати на сите најпознати маратони во земјата и странство. Во 2006 година, заедно со Спасовски Томе, на 19 европско првенство во атлетика во Гетеборг, Шведска, ја претставуваше Република Македонија во маратон. Во 2002 година стана рекордер на Македонија и на ултра маратонот на 100 километри.
Од оваа историска дистанца, со респект би го искажал уделот на претседателот на клубот Грековски Џоџа, во напорите за враќањето на клубот на некогашната слава. Со своите релации, пред се со бизнис круговите, успеа да обезбеди опрема за тренинзи и настап на атлетичарите, а исто така обезбедуваше и солидни финансиски средства за подготовките и атлетските натпревари. На поквалитетните членови, управата на клубот им обезбедуваше месечни автобуски карти, со што можеа да патуваат до стадионот и назад.
Еден од најдобрите македонски маратонци е и Томе Спасовски. Во текот на својата богата и долга атлетска кариера, настапувал на голем број маратони во земјата и странство. Во 2006 година беше учесник на 19 Европско првенство првенство во Гетеборг (Шведска), каде ја трчаше маратонската трка. Покрај тоа, Спасовски беше учесник и на маратоните во Атина, Монако, Стокхолм, Братислава, Фиренца и др. На Првиот скопски маратон во 1997 година го постави својот личен рекорд од 2:44,36. Повеќе пати го трчаше и Охридскиот маратон и секогаш беше меѓу најдобрите македонски претставници. Најдобар резултат на 21 км. му е 1:13,00. Вљубеник во атлетиката, а пред се на маратонското трчање, по повод празникот 23 октомври, беше организатор на полумаратонската трка која се одржа на падините на Гази Баба, а со подршка на Опшина Гази Баба.
Следно четививо: СЕЌАВАЊЕ НА ГОЛЕМИОТ ШАМПИОН СОТИР ГАВРИЛОВСКИ (14)
Пишува Професор Мирослав Бошковиќ