И покрај селекторското место во репрезентацијата на Русија, Едуард Кокшаров ќе продолжи да работи како спортски директор на ракометниот клуб Вардар. Од вчера, Едуард е назначен за нов селектор на машката репрезентација, откако откази доби Дмитри Торгованов, кој не успеа да ја однесе Русија на Европското првенство, кое следната година ќе се одигра во Хрватска.
-Нема пречка за да продолжам да работам во Вардар и како селектор на Русија. Разговарано е на оваа тема со федерацијата на Русија и постигната е согласност околу останувањето во Вардар, рече Кокшаров.
Дали назначувањето на Кокшаров, ќе значи враќање на Тимур Дибиров во репрезентацијата, останува да видиме. Левото крило на Вардар ги пропушти последните неколку квалификациски мечеви на својата селекција, по што како нов капитен беше назначен Данил Шишкарев, кој исто така е дел од црвено-црните.