Во периодот од 25-28-ми август, Европскиот ракометен шампион, екипата на Вардар ќе се бори за единствениот трофеј, кој им недостасува во витрините, а тоа е оној од неофицијалното светско клупско првенство во Катар. Избраниците на Гонзалес веќе го дознаа противникот во четврфиналето, а тоа ќе биде тимот на иранскиот Нафт O Гашаран, кој го освои второто место во азиската лига на шампионите. Вардарци се апсолутен фаворит во овој меч, а веќе е познато со кого ќе вкрсти во евентуалното полуфинале. Таму најверојатно ќе се сретнеме со тимот на Барселона, која исто така е голем фаворит во дуелот со Есперанца, која е вицешампион на Африка. На тој начин ќе гледаме реприза на полуфиналето од завршниот турнир во Келн, каде се сретнаа Вардар и Барселона, натпревар кој минимално им припадна на Вардаровите момци, кои станаа и шампиони на Европа. Каталонскиот гигант е најголем наш конкурент за освојување на трофејот, иако тука е и актуелниот освојувач на ова натпреварување, тоа е Фуксе Берлин кој доаѓа од најсилната бундес лига.
Вардар има негативен биланс во дуелите со шампионот на Шпанија, каде Барселона има девет победи, еднаш одигравме со нерешен резултат, додека една победа, но сигурно најголемата во дуелите на овие екипа, ја има токму Вардар, со триумфот во полуфиналето во Келн. Сигурно дека избранциите на Чави Паскал ќе бараат одмазда за тој пораз и дека ќе влезат максимално мотивирано, но и со голем респект кон нашиот состав, кој покажа во Келн дека може секого да совлада. За “Супер Глоуб„ , Вардар ќе се загрева на турнирот во Гумерсбах, каде ќе одигра два силни натпревари на овој турнир. Се надеваме дека со титула ќе ја започнеме новата сезона, што ќе биде уште еден мотив повеќе за момците на Раул Гонзалес да ги одбранат трофеите, освоени од минатата сезона.